Во Штип среде бел ден, во населена средина возрасен човек шета со оружје, нишани и стрела во животни за да ги осакати и убие, при што е сериозно повредена мачка на негови комшии – објави здружението за заштита на животните Анима Мунди на својот профил на Фејсбук, заедно со куса снимка што ја добило од граѓани.

До кога секој силеџија и социопат ќе чувствува комодитет да стрела по животни, знаејќи дека за делото нема да одговара? Или во насилството врз животните ќе препознаеме девијација, или ќе го препознаеме дури тогаш кога ќе ескалира и врз луѓе. Куса снимка од ова лице, кое лежерно и без трошка страв пукало по што ќе му текне, кршејќи најстрого закон, ни пуштија жители од населбата, преплашени за својата безбедност, но за и безбедноста на своите миленици. Среде бел ден е предизвикана сериозна опасност на јавноста и мачени се и убивани животни, што се кривични дела за што е потребно итно постапување на надлежните и најстрога казна за сторителите, побара Анима Мунди.

Организацијата објавува и видео снимка на која се гледа како во Виница, возач со автомобил влече врзано куче, кое мора да трча по колата за да не биде задавено.

Ваков пример на насилство врз животно би било веднаш строго санкционирано во секоја европска држава, но не и во Македонија. Неколку лица се обиделе да пријават во полиција – потенцираме, се обиделе, но полицијата не сакала ниту да прими и да евидентира ваква пријава, што значи дека за нив тоа што се случило е нешто нормално. Токму непостапувањето на службените лица значи злоупотреба на должноста и дава поттик на насилниците и понатаму да мачат, убиваат и да поминуваат неказнети, пишуваат од Анима Мунди.

Здржението ги повикува институциите итно да започнат со сериозни истраги, најстрого да ги казнат сторителите, затоа што, како што велат, ваквите индивидуи се закана за безбедноста и на животните и на луѓето.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.