Огнените јазици кои зафатија сува трева, нискостелбести растенија, грмушки и шума на територија на општините Чешиново-Облешево, Пробиштип и Кочани се целосно изгаснати, за МИА вели директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.

Пожарот кој од синоќа по 22 часот е пријавен во ТППЕ-Кочани доцна попладнево е ставен под контрола, бидејќи почна да паѓа дожд, а во неговото гаснење бидејќи беше распространет на територија на три општини беа вклучени пожарникарите од Кочани и Пробиштип, како и од Доброволното противпожарно друштво од Кочани. Од воздух се гасеше со еден Ер трактор на ДЗС и два полициски хеликоптери.

Ангелов вели дека станува збор за огромна опожарена површина, која заедно со пожарот од пред десет дена опфаќа околу 250 хектари. Забележа дека пожарот се приближи и кон кочанското село Врбица, во кое живеат пет жители, а пробиштипските пожарникари со контрапожар успеаја огнените јазици да не влезат во селото Трипатанци.

Ангелов за МИА вели дека од попладнево има три поголеми пожари во земјава, од кои едниот е кај скопско Ајватовци.

Во близина на Ајватовци изби силен пожар, во борова шума. Груба проценка е дека е зафатено околу 30 хектари, зборувам за трева грмушки, но и за борова шума. Таму интервенира еден Ер трактор од ДЗС, но е испратен и еден полициски хеликоптер. Имаме уште два тешки пожари едниот е кај Умово на територија на Општина Студеничани, кој изби после 16 часот и уште еден пожар има на територија на село Рашче, изјави Ангелов.

Тој посочува дека ридот над селото Рашче е зафатен со силен пожар, а скопските пожарникари се распределени на неколку страни.

Во земјава има активни и уште неколку помали пожари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.