МВР известува дека во координација со јавното обвинителство интензивно работи на расчистување на случајот и утврдување на причините за сообраќајната несреќа во близина на Владата во којашто учествуваше службено Владино возило во кое били министрите Фатмир Бесими и Крешник Бектеши.

Вчера околу 19.15 часот во СВР Скопје било пријавено дека на крстосницата од бул.„Илинден“ и бул.„Св.Климент Охридски“ се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „шкода“, управувано од Ј.Б.(38) од Скопје, патничко возило „фиат“, управувано од Д.П.(45) од Скопје и патничко возило „киа“, управувано од А.Т.(36) од Скопје, сите со скопски регистарски ознаки. Во незгодата со повреди се здобиле Ј.Б. и сопатникот од патничкото возило „шкода“, Б.Љ.(35), констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје – информираат од МВР.

Оттаму додаваат дека за несреќата се известени дежурен јавен обвинител и Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди и преземени сите неопходни мерки за расчистување на случајот: алкотестирање, обезбеден видео запис од безбедносните камери, изјави од сведоци итн.

Во најбрз можен рок случајот ќе биде расчистен и јавноста ќе биде соодветно известена – велат од МВР.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.