Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, денеска испрати писмо до претседателот на Собранието, Талат Џафери, во кое изрази загриженост за состојбата со намалениот број на судии и побара Џафери да го заложи својот авторитет и во Собранието да се изберат нови четворица уставни судии во најскоро време.

Во писмото, Кацарска наведе дека е отежнато фунционирањето на Уставниот суд поради тоа што во него има само петмина судии, иако Уставот предвидува полниот состав на Судот да биде со девет судии. Претседателката на највисокиот судски орган тврди дека таквата состојба влијае при одлучувањето кога често се случува предлогот да не го добие потребното мнозинство, поради што во моментот за 16 предмети не може да се донесе одлука поради недоволно мнозинство. Кацарска додава и дека пред Судот треба да се разгледуваат предмети кои се од врвен интерес за државата, а за кои е потребно да се одлучува во полн состав со што одлуките би имале поголема тежина.

Верувам дека сте информиран за оваа ситуација и се надевам дека веќе се бара решение за избор на нови четворица уставни судии. Затоа, Ви се обраќам лично да го заложите Вашиот авторитет како претседател на Собранието и заедно со Вашите колеги да изберете нови уставни судии. На крај, дозволете ми да изразам надеж дека Вие и пратениците непосредно избрани од граѓаните, ќе се вложите максимално за процесот на предлагање и избор на судии да се заврши што поскоро со што би се зачувала функционалноста на Уставниот суд, додава Кацарска во писмото до Џафери.

Уставниот суд е орган што ја штити уставноста и законитоста во Македонија. Составен е од девет судии избрани од Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Мандатот на судиите трае девет години без право на повторен избор.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.