Определена мерка притвор во траење од 30 дена за 40-годишниот кумановец кој е осомничен дека го лишил од живот неговиот 65 годишен татко, со што сторил кривично дело, убиство од член 123 став 2 точка 2 од Кривичниот законик, соопштија од обвинителството.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Куманово доставил предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице кој судијата го прифатил и донел решение со кое определи мерка притвор во траење од 30 дена, оценувајќи дека лишувањето од слобода е законито.

На 12 јануари, во попладневните часови, на улицата „438“ во Куманово, осомничениот влегол во собата во која престојувале неговите родители, зел кујнски нож и без да биде забележан од мајка му, дошол до креветот на кој спиел неговиот татко и со ножот го прободел во пределот на вратот од левата страна. Како резултат на здобиената повреда, оштетениот обилно искрвавил и починал, а осомничениот заминал во соседната соба каде останал до пристигнувањето на полициските службеници, велат од обвинителството.

Претходно, со цел расчистување на настанот ЈО издаде наредба за обдукција на починатиот и вештачење на сите траги пронајдени и подигнати на лице место.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.