Она од што се плашиме и се сомневаме во начинот на водење на оваа судска постапка се овистини, се реализира. Од авион се гледа дека ова денеска е смислено сценарио од страна на вештите лица, изјави Благојче Трпевски, татко на починатиот Јовица Трпевски во несреќата кај Ласкарци, по денешното одложување на рочиштето откако вештото лице Зекирија Зекири не се појави на судењето.

Трпчевски рече дека се надева дека во четврток, за кога е закажано следното рочиште, вештото лице ќе биде присутно да одговори на прашањата на обвинителот.

Ова вешто лице во изминатите две рочишта покажа дека на најосновните прашања на обвинителството не знае да одговори. Никогаш во животот немал ваков предмет да вештачи. Две години има лиценца за вештачење, не знае да чита тахографски ленти, па како ние оштетените да веруваме дека тоа вештачење што го направило Бирото и тоа вешто лице се издржано и професионално направено, дополни тој.

Според Трпчевски, недоаѓањето на сведокот покажува дека се купува време со цел овој процес да се одложи и тој да не биде понатаму испрашуван од страна на Обвинителството.

Како што информираше Судечкиот совет, вештото лице Зекирија Зекири, преку другите членови на тимот што го изготви супервештачењето, известил дека поради здравствени причини нема да дојде на денешното насрочено рочиште.

Јавниот обвинител Дарко Јакимовски, побара од судот да се одложи денешното рочиште поради тоа што, како што рече, концептот на испитување се темели токму на сведочењето на конкретното вешто лице по што судот донесе одлука денешното рочиште да се одложи.

На претходната расправа, јавниот обвинител Дарко Јакимовски го испрашуваше вештото лице Зекирија Зекири за околностите утврдени во машинското супервештачење.

Супервештачењето што Судот го нарача во декември 2021 година беше одбиено од факултетите од државава, со објаснување дека нивните вешти лица веќе учествувале во претходното вештачење, или не се компетентни за истото. Откако факултетите одбија, предметот беше испратен во Бирото за судски вештачења кое има можност да формира тим од лиценцирани вешти лица кои ќе направат супервештачење.

Супервештачењето пристигна во Кривичен во декември. Потоа настапи формално отпочнување на процесот по кое се започна со сослушување на вештите лица кои го изготвиле супервештачењето.

Обвинети во случајот за несреќата кај Ласкарци, што се случи на 13 февруари 2019 година, а во која загинаа 16 лица и над 30 беа тешко повредени, се Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари, и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Додека, тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, се товарат за соучество во истото дело.

Судскиот процес за несреќата што започна во септември 2019 година го води судијката Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител, Дарко Јакимовски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.