Македонскиот археолог Ленче Јованова (1957-2023) е жената која пред два дена настрада во центарот на Скопје, кога на пешачки премин ја прегази багер.

Со големо неверување ја примивме веста дека нашата колешка Ленче Јованова во текот на вчерашниот ден во немил настан на 66 годишна возраст го загуби својот живот, објавија од Македонското археолошко друштво.

Појаснуваат дека Ленче Јованова беше долгогодишен член на Македонското археолошко друштво и кустос советник во Музеј на град Скопје.

Таа остави длабок и неизбришлив траг во македонската археологија истражувајќи ги културните хоризонти на античкиот град Скупи. Нејзиниот интерес беше насочен кон проучување на римската материјална култура. Автор е на бројни изложби, каталози, статии, студии, а особено се значајни монографиските изданија Скупи – Colonia Flavia Scupinorum; Скупи – некрополи : стории за истакнати личности според епиграфски и археолошки сведоштва; Скупи: сектор југоисточен бедем и комплекс терма – базилика со атриум. Ленче Јованова засекогаш ќе остане во нашите сеќавања како врвен и искусен професионалец кој со огромна посветеност го промовираше македонското културно наследство во земјава и светот, додаваат нејзините колеги.

Во меѓувреме, скопското обвинителство донесе наредба за спроведување истражна постапка против 42-годишникот, кој е осомничен дека на улицата „Јордан Мијалков“, управувал мобилна машина „лиебхерр“ без да се придржува кон прописите на јавниот сообраќај и го довел во опасност животот на луѓето.

На обележан пешачки премин, со машината удрил во телото на една жена – пешак, која од ударот се здобила со тешки телесни повреди и починала, се појаснува во соопштението на Обвинителството.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.