Претседателот на Србија, Александар Вучиќ и претседателот на Русија, Владимир Путин, денеска околу единаесет часот разговарале телефонски. Вучиќ објави дека со Путин договориле поволна цена на гасот за Србија.

Имавме многу добар разговор. Најважна тема беа нашите билатерални односи. За нас беше важен истекот на договорот за гас по десет години. Она што можам да ви го кажам е дека се договоривме за главните елементи кои се многу поволни за Србија. Се договоривме да потпишеме договор за три години, а не за еден месец како што предвидуваа некои. Друг важен елемент е формулата да остане иста, така што цената ќе биде многу поволна за нашата земја. Останува да се договориме со Гаспром на количини, соопшти Вучиќ.

Во објавеното соопштение од Кремљ се вели дека Русија ќе продолжи непречено да испорачува гас за Србија.

Одржан е телефонски разговор меѓу претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, и претседателот на Србија, Александар Вучиќ… Беше договорено, меѓу другото, Русија да продолжи со непречена испорака на природен гас за Србија, се вели во соопштението.

Актуелниот договор за испорака на руски гас истекува на 31 мај, а Вучиќ претходно најави дека на разговорите со Путин ќе го постави прашањето за количината на испораките на гас, цените и безбедноста на снабдувањето на нашата земја со овој енергенс.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.