Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во своето обраќање на 78-то Генерално собрание на Обединетите нации изјави дека причина за новиот глобален бран војни и насилство е напуштањето на принципите наведени во Повелбата на ОН.

Сите ние што зборуваме во овој Дом зборуваме за нашите проблеми, често се занимаваме со вистински и замислени непријатели, се додворуваме на сопственото јавно мислење, раскажуваме бајки од иднината со недоволно реално разбирање на работите, изјави Вучиќ.

Тој кажа дека зборува како претставник на слободна и независна земја, која е на пат за влез во ЕУ, но истовремено не е подготвена да ги погази нејзините традиционални пријателства градени со векови.

Во ерата на доминација на социјалните мрежи, во која е само важно да се добијат повеќе „лајкови“, во ера во која на секое милениче му се посветува поголемо внимание од децата, не е ни чудо што не ги препознаваме опасностите што се пред нас, истакна претседателот на Србија.

Вучиќ посочи дека не може и нема право како претседател на една „мала земја“ да зборува за односите меѓу големите сили, но дека може и сака да зборува за тоа како непочитувањето на меѓународното јавно право може да доведе до страшни последици.

Обидот за распарчување на мојата земја, формално почнат во 2008 година со едностраното прогласување независност на Косово, сè уште не е завршен. Погазувањето на Повелбата на ОН во случајот со Србија беше еден од видливите претходници на бројните проблеми со кои сите се соочуваат денес, кои ги надминуваат границите на мојата земја или во рамките на регионот од кој доаѓам, потенцира Вучиќ.

Според него, светот не станал подобро или побезбедно место од претходното Генерално собрание на ОН.

Напротив. Глобалниот мир и стабилност сè уште се акутно загрозени. Продолжуваме да се соочуваме со проблеми со енергетската безбедност, финансиската нестабилност, како и безбедноста и нарушувања во синџирите на снабдување со храна и лекови. Решенија за многу проблеми, не само што не најдовме, туку некои станаа побројни, а некои и покомплексни, рече Вучиќ.

Како што кажа, тој го поддржал излагањето на американскиот претседател за почитување на територијалниот интегритет и човековите права, но, како што вели, „речиси сите западни земји ја прекршиле Повелбата на ОН и Резолуцијата“.

Без одлука на Советот за безбедност на ОН брутално беше нападната суверена земја, а во 2008 година беше донесена незаконска одлука за сецесија на дел од Србија, рече Вучиќ.

Тој додава дека „сите што извршија агресија врз Србија денес зборуваат за територијалниот интегритет на Украина“, за кој вели дека го поддржува Србија и дека секое насилство е исто.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.