Британската разузнавачка служба активно го поддржувала формирањето на движењето Бали Комбетар (Национален фронт) во Албанија, а американското разузнавање успеало со напорите да ја поткопа албанската држава со помош на ова движење по крајот на Втората светска војна, се вели во извештајот на Американската централна разузнавачка агенција (ЦИА) од 1950 година кој е декласифициран.

Движењето кое ја застапувало идејата за „Голема Албанија“ било вооружено од западните сили, соработувало со нацистичка Германија, а по Втората светска војна дел од неговите членови нашле засолниште во Италија, каде што биле обучени во еден од камповите.

Движењето е основано во 1939 година со идеја за ослободување на земјата од италијанската окупација, а неговото формирање кореспондира со британската политика која сакала да ги опструира италијанските намери во Албанија, Британците секојдневно биле во контакт со лидерите на Националниот фронт.

Пишувајќи за историјата на Албанија, ЦИА ги споменува нејзините државни граници, но и „етничките“. Како што истакнуваат, „во етничка смисла, Албанија зазема многу поголема површина од нејзините национални граници“ опфаќајќи ја, како што е опишано, Црна Гора (планина Румија), регионот Санџак, рамнината на косовските полиња до другата страна на Приштина, а потоа оди по реката Вардар, делумно опфаќајќи го Скопје до Титов Велес, каде што свртува југозападно кон Струга и северниот брег на Охридското Езеро.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.