Неформалната група „Руси, Украинци, Белоруси и Срби заедно против војната“денеска одржа нов антивоен протест во центарот на Белград, чиј координатор Пјотр Никитин поарача дека „вистината е на страната на Украина и дека таа ќе победи“. По митингот, активистите отидоа до Руската амбасада, каде поднесоа список со барања, вклучувајќи го и барањето Русија да ги повлече своите 4.036 разузнавачи од Србија, јави дописникот на МИА од Белград.

На Плоштадот на Републиката во Белград се собраа триесетина членови на здружението, кои истакнаа транспарент во украински бои со натпис „Заедно против војната“. Никитин ги повика Србите „да ги отворат очите и да не веруваат во лагите“ кои, како што рече, се шират на некои национални телевизии и таблоиди, наведувајќи дека во Украина нема нацисти.

По митингот, активистите се упатија кон Руската амбасада, каде што поднесоа список со барања: војниците на Руската Федерација веднаш да се повлечат од сите територии на суверена Украина и сите извршители на воени злосторства во кои има настрадано десетици илјади цивили веднаш да бидат изведени пред украинската правда заради судења за воени злосторства.

Од Русија беше побарано и веднаш да ги повлече „сите свои 4.036 разузнавачи“ од Србија, особено „27 агенти во српската влада, седум агенти во Претседателството на Србија, 86 агенти во Министерството за одбрана, 64 агенти во МВР, сите 113 агенти во Безбедносно информативната агенција (БИА) и бројни агенти во верски организации во Србија“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.