Сообраќајот на граничните премини од Грција кон соседните земји, меѓу кои и Македонија, утре и задутре ќе биде во прекин поради 48-часовниот штрајк на грчките царинските службеници, а извори од Федерацијата на цариниците за МИА од Атина велат дека граѓаните кои во следните два дена планирале да патуваат во Грција, добро ќе биде да го одложат нивното патување.

Од Федерацијата на царински службеници на Грција соопштија дека цариниците од Независната управа за јавни приходи, како и од Министерството за финансии ќе одржат 48-часовен штрајк, а од Синдикатот на вработени во јавниот сектор преку соопштение изразија поддршка за штрајкот.

Дводневниот штрајк на цариниците ќе започне утре во шест часот наутро, се очекува целосно да биде во прекин сообраќајот на граничните премини од и кон Грција за товарните возила и секаков вид пратки, а истото ќе важи и за автомобилите.

Извори од Федерацијата на царински службеници на Грција за МИА објаснуваат дека постои конкретен протокол и договор што точно се предвидува во случај на штрајк на цариниците.

За товарните возила постојат исклучоци доколку се пренесуваат пратки коишто поради чувствителноста мора веднаш да бидат пренесени, а за автомобилите доколку станува збор за пациенти кои итно заминуваат на лекување.

Истите извори посочуваат дека добро ќе биде граѓаните да избегнат патувања во Грција додека трае штрајкот.

Единствено дозволено ќе биде пеш да се помине границата, иако не е исклучена можност во случај да се создадат колони автомобили да има повремено пропуштање, меѓутоа чекањето би било со часови.

Од Грчката амбасада во Скопје преку официјалната Фејсбук страница во петокот соопштија дека „Федерацијата на царинските работници на Грција најави 48-часовен штрајк во сите царински испостави во земјата на 2 и 3 април 2024 година“ и ги повикаа сите заинтересирани страни „да се погрижат да бидат навреме информирани за работата на секоја царинска испостава, пред нивното пристигнување на граничниот премин“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.