Словенците денеска, во вториот круг од претседателските избори, ќе избираат меѓу конзервативецот Анже Логар, поранешен шеф на дипломатијата, и независната центристичка адвокатка и бранителка на човековите права Наташа Пирц Мусар.

Повеќе од 3.000 избирачки места ќе бидат отворени до 19 часот. Право на глас имаат околу 1,7 милиони гласачи.

По затворањето на гласачките места, првите делумни резултати од гласањето ќе бидат познати околу 20 часот, кога ќе почнат да се објавуваат на посебна веб-страница на Државната изборна комисија.

Во понеделник кон овие резултати ќе бидат додадени и резултатите од гласањето по пошта од Словенија, а на 21 ноември на резултатите ќе се додадат и ливчињата од странство.

Конечните резултати официјално ќе бидат познати до 29 ноември, а новоизбраниот претседател ќе ја преземе функцијата на 23 декември, кога му истекува мандатот на актуелниот претседател Борут Пахор.

Логар, член на десничарската Словенечка демократска партија (СДС) на Јанез Јанша, доби најмногу гласови во првиот круг од изборите, 33,96 отсто, но анкетите покажуваат дека Пирц Мусар има многу поголеми шанси за победа.
За Пирц Мусар, која може да смета на поддршката од гласачите на владејачките партии од центарот и левицата, во првиот круг од изборите на 23 октомври гласаа 26,85 гласачи.
И Логар и Пирц Мусар се формално независни кандидати, иако поранешниот шеф на дипломатијата е долгогодишен член на партијата на Јанша. Многумина не го сметаат за независен кандидат токму поради ова.
Логар официјално не е кандидат на СДС, бидејќи во тој случај би имал многу помали шанси да ја добие поддршката од гласачите од центарот.
Пирц Мусар, 54-годишна адвокатка, специјализирана за заштита на лични податоци, која ја застапуваше и сопругата на поранешниот претседател на САД, Меланија Трамп, е позната и како застапник за правата на ЛГБТ популацијата. Работела 15 години во Советот на Европа како експерт за човекови права.
За време на кампањата, Пирц Мусар често беше на удар на критики поради обвинувањата дека нејзиниот сопруг се збогатил со користење на таканаречените „даночни раеви“.
Откако објави дека ќе учествува на изборите, Пирц Мусар ја поддржа поранешниот претседател на Словенија, Милан Кучан, кој се уште има значително влијание во земјата.
И Логар и Пирц Мусар најавија дека доколку победат ќе посветат многу внимание на процесот на интеграција на Западен Балкан во ЕУ.
Победникот на изборите ќе го наследи центристот Борут Пахор, чиј втор петгодишен претседателски мандат истекува во декември, а Уставот не му дозволува да се кандидира за трет.
Функцијата на претседателот на Словенија е главно церемонијална, но шефот на државата ужива авторитет бидејќи е директно избран од граѓаните. Претседателот на Словенија е врховен командант на вооружените сили и ги предлага судиите на Уставниот суд и гувернерите на централната банка, додека политиката ја води владата.
Победникот на изборите ќе биде петтиот претседател на Словенија од прогласувањето на независноста во 1991 година. Оттогаш, шефови на државата беа Милан Кучан (1991-2002), Јанез Дрновшек (2002-2007), Данило Тирк (2007-2012) и Борут Пахор (2012-2022).

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.