По оставката што ја поднесе бугарскиот премиер, Кирил Петков, претседателот Румен Радев ги почна консултациите со парламентарните партии за доделување на мандатот за формирање нова влада.

Како што јавија бугарските медиуми, на консултации кај него, денеска се појавија од опозициската коалиција ГЕРБ-СДС, како и од ДПС, која исто така е во опозиција.

Од партијата на поранешниот премиер Бојко Борисов веднаш најавија дека ќе го вратат мандат со цел процесот да продолжи понатаму и нагласија дека според нив, најдобро решение е нови избори.

Ќе го вратиме мандатот што е можно поскоро за да почнат консултациите за предавање на мандатот на третата политичка сила – порача координаторката на пратеничката група на ГЕРБ, Десислава Атанасова.

Партијата на Петков, Продолжуваме со промените, како најголема партија во парламентот по бројот на пратеници ги прескокна денешните консултации поради обврските во парламентот околу ребалансот на Буџетот. Координаторот на пратеничката група, Андреј Ѓуров најави дека ќе отидат кај Радев откако тој ќе се врати од патувањето во Мадрид.

На консултации денеска од истите причини не се појавија ниту од Бугарската социјалистичка партија (БСП).

Утре, пак, според најавите треба да се одржат консултации со Има таков народ (ИТН) на Слави Трифонов кој реши да излезе од владината коалиција што ја втурна Бугарија во оваа политичка криза.

Радев утре треба да се сретне и со претставници на Демократска Бугарија, партија која беше дел од власта, како и со опозициската Преродба.

Денешната оставка на Петков и консултациите на бугарскиот претседател со политичките партии следуваат откако на владата ѝ беше изгласана недоверба на 22 јуни годинава.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.