Портпаролот на противпожарната служба на Грција Јоанис Артопиос попладнево соопшти дека по падот на авионот западно од грчкиот град Кавала, едно тело е извлечено, а уште едно е лоцирано, јави дописничката на МИА од Атина.

Осум украински државјани биле членови на екипажот на карго авионот Антонов-12 што синоќа еден час пред полноќ се урна, откако претходно се запали, во близина на Кавала, а пренесувал 11,5 тони муниција од Србија наменета за Бангладеш.

Во Кавала пристигна специјален тим за нуклеарно- хемиско- биолошка одбрана од Министерството за одбрана на Грција за да ја истражи опасноста и како што рече Артопиос, „согласно мерењата направени на местото на несреќата, не се откриени опасни супстанци“.

Портпаролот на противпожарната служба на Грција објасни дека сега започнува втората фаза од операцијата „со учество на квалификуван персонал на грчката армија и 30 пожарникари, за создавање безбедни коридори и транспорт на телата до простор за деконтаминација“.

– Едно тело е веќе извлечено, уште едно е лоцирано, а продолжува потрагата на сите сили на цивилната заштита за лоцирање и извлекување на останатите шест членови на екипажот, сите од Украина, рече Артопиос.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.