Mинистерот за климатска криза и цивилна заштита на Грција, Христос Стилианидис, информирајќи за пожар што зафати неколку атински населби истакна дека службите се соочиле со многу тежок пожар, поради тешките временски услови, но и поради релјефот на околината.

Сè уште сме на почетокот на летото и целта, како што ја поставивме од почеток, е да се ублажат суровите ефекти од сите овие нови појави кои произлегуваат од климатската криза. Летото ќе биде тешко – изјави Стилианидис.

Стилианидис додаде дека сите метеоролошки прогнози за летово „покажуваат дека во регионот на источниот Медитеран, кој важи за жариште на климатската криза, за жал, работите нема да бидат лесни“.

Пожарот што вчера избувна во подножјето на планината Имитос во Атина и поради силниот ветер, брзо од една, се прошири кон друга населба во јужниот дел на градот е локализиран, а како што рече заменик-министерот за климатска криза и цивилна заштита на Грција, Евангелос Турнас, и покрај големите напори имало и материјална штета на некои домови.

Тој истакна дека иако справувањето со огнените јазици било тешко, сепак немало повредени граѓани или загуба на животи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.