Лидерката на Бугарската социјалистичка партија, Корнелија Нинова, повика на итни преговори со руската енергетска компанија „Газпром“ за да се избегнат банкроти на деловните активности и да се осигура дека луѓето во земјата нема да страдаат во претстојната зима. Според Нинова, додека политичарите во Бугарија и експертите се расправаат кој е виновен, дали има бродови со течен гас, дали ќе работи интерконекторот со Грција, фабрики за ѓубрива во земјатаа почнаа да го затвораат производството и да отпуштаат работници.

Министерот за економија и индустрија на Бугарија дури сега ќе направи анкета колку компании работат на гас и ќе им даде инструкции да ја намалат потрошувачката за 15%.

Овие податоци се достапни – 28.000 претпријатија користат гас во кои работат 250.000 луѓе, смета и Нинова. Таа повика овие претпријатија во Бугарија да не се принудуваат да ја намалуваат потрошувачката на гас, бидејќи некои од нив никогаш повеќе нема да можат да ги стартуваат машините.

Се губи драгоцено време во расправии и ПР акции. Според лидерот на бугарските социјалисти, решението во оваа фаза за економијата и домаќинствата е само едно – итни преговори со „Газпром“, како што направија голем број европски лидери. БСП тоа го повторува уште од март. На оваа позадина, претседателот на Бугарија Румен Радев ќе одржи средба со сопственикот и менаџментот на градежната компанија „Авакс“, која го гради интерконекторот меѓу Грција и Бугарија и со менаџментот на проектната компанија која ја нарача изградбата – ИЦГБ. Целта на средбата е да се разјасни реалната состојба и потребните активности за што побрзо завршување на проектот.

На средбата Радев ги покани и вршителот на должноста премиер на Бугарија Галаб Донев, како и министрите за енергетика и регионален развој и јавни работи Росен Христов и Иван Шишков. Една недела пред претседателската администрација во Бугарија протестираат граѓани кои се против враќањето на Гаспром како снабдувач со гас.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.