Милојко Спајиќ, лидер и носител на изборната листа на Движењето Европа сега (ПЕС), изјави дека очекува победа на денешните парламентарни избори и дека ја гледа Црна Гора, во следните неколку години,ја гледа како успешна приказна, особено во делот на економијата.

-Разбирам дека граѓаните се уморни од црногорскиот стил на политика, но парламентарните избори значат живот во следните четири години бидејќи парламентот ќе гласа за реформи и закони за сите нас, изјави Спајиќ по гласањето, пренесе Бета.

Тој кажа и дека се надева оти граѓаните ќе излезат на изборите во што поголем број и дека изборниот ден ќе помине мирно.

Запрашан дали очекува да победи, Спајиќ одговори потврдно, но не сакаше да коментира дали очекува да биде идниот премиер, ниту, пак, кого гледа како свој потенцијален коалициски партнер.

Тој кажа дека ова се четврти избори во последните шест месеци и дека на граѓаните им е доста од политика, лични напади, дискредитација и теми кои не се важни за граѓаните.

-Мислам дека тоа ќе се заврши со овој изборен циклус и во иднина очекуваме многу успешна Црна Гора, рече Спајиќ.

Според сите истражувања на јавното мислење, популистичкото Движење Европа сега треба да биде столбот на идната влада по денешните избори, а лидер Спајиќ се смета за иден премиер.

Во последните денови тој беше во центарот на скандалот околу наводната поврзаност со уапсениот јужнокорејски државјанин До Квон, осомничен за проневера на десетици милијарди долари преку тргување со криптовалути. До Квон беше уапсен на 23 март на аеродромот во Подгорица, додека се обидувал да ја напушти земјата со лет за Дубаи. Тој беше уапсен по јужнокорејска потерница која го сомничи дека проневерил повеќе од 40 милијарди долари преку тргување со криптовалути. Јужна Кореја побара негова екстрадиција, но на До Квон му се суди во Црна Гора за фалсификување пасоши. Го бараат и САД и Сингапур. Тој е во затвор кај Подгорица, а продолжението на судењето е закажано за 16 јуни.

По три години политичка нестабилност, пад на две влади кои ја загубија довербата во Собранието, денешното очекување на јавноста е стабилна влада што би ја предводила Црна Гора во следните четири години, ќе го одмрзне процесот на интеграција во ЕУ и ќе го забрза патот кон членство во Унијата.

Денешните парламентарни избори се 12-ти од воведувањето на повеќепартискиот систем во Црна Гора, а шести од обновувањето на независноста.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.