Казна затвор од над 22 години може да добијат луѓето кои ја проектираа станбената зграда во градот Дијарбекир, што се урна за време на разорните земјотреси во југоисточна Турција во февруари, објави ТВ Си-Ен-Ен-Турк.

Вкупно 77 лица загинаа, а 29 се повредени при уривање на зградата.

Во истрагата спроведена по трагедијата било утврдено дека при изградбата на објектот биле користени несоодветни материјали.

Роднините и пријателите на загинатите поднеле тужба против четири лица, меѓу кои и лицата кои ја проектирале зградата, главниот инженер и сопственикот на компанијата што го спровела проектот.

Обвинителството во Дијарбакир против обвинетите подготвило обвинение со барање за затвор до 22 години и 6 месеци за секој од нив за „предизвикување смрт и телесна повреда на повеќе од едно лице при небрежност“.

Југоисточна Турција на 6 февруари годинава ја потресоа разорни земјотреси со интензитет од 7,7 и 7,8 степени. Повеќе од 50 илјади луѓе загинаа, милиони останаа без домови. Дијарбакир е една од 11-те окрузи кои беа тешко погодени во земјотресите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.