Археолошките локалитети во Грција од утре до недела, деновите за кога е најавен нов топлотен бран во земјата, ќе бидат четири часа затворени поради прекинот со работа на чуварите на археолошките локалитети, со цел да се заштити здравјето на вработените и посетителите, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Грчкото здружение на службениците- чувари на археолошките локалитети соопштија дека во следните четири дена, четиричасовен прекин на работата од 16 часот ќе има во археолошките локалитети со работно време од 8 до 20 часот и двочасовен прекин во локалитетите и музеите што се отворени во претпладневните часови, што ќе започне во 13.30 часот.

-Поради проблемите со кои се соочивме претходните денови во археолошките локалитети, а особено во археолошкиот простор на Акропол едногласно беа донесени мерки за заштита на здравјето на колегите чувари на археолошките локалитети, како и на посетителите, соопштија од Здружението.

Дополнително посочија дека и покрај екстремните услови со температури од над 45 степени, во моменти кога на Акропол имале повеќе од 20 случаи на посетители кои се онесвестиле, тие одговорно си ја вршеле нивната работа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.