Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денеска изјави дека Хрватска е лојална членка на НАТО, но, нагласи, треба да се посвети на вооружувањето на земјата.

„Рафалите“ нема ништо да решат, тие се скап чевел, но другата нога е уште во опинци, изјави Милановиќ во Градец каде што престојува за време на велигденските празници.

Милановиќ кажа дека „авионите се убава работа“ што на ХДЗ требаше да и послужат како „предизборен трик“, но изгледа дека нема да го направат.

Тој потсети дека ги забранил летовите на авионите „Рафал“ над Загреб и дека тоа ќе го прави се додека е претседател.

-Но, нема уште долго да бидам претседател, ќе бидам премиер, изјави Милановиќ на новинарите, јави загрепската телевизија N1.

Милановиќ повторно ги критикуваше Владата и премиерот Андреј Пленковиќ за уривање на Уставот и избегнување да се свика Советот за национална безбедност.

Инаку, хрватскиот портал „Индекс.хр“ ноќеска, една минута по полноќ, како „првоаприлска шега“ ја објави информацијата дека Милановиќ ненадејно поднел оставка до Уставниот суд за претседателската функција и дека ќе биде заменет од основачот на движењето „Татковина“, Мирослав Шкоро, кој во меѓувреме престана да се занимава со политика.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.