Косовскиот премиер Албин Курти денеска изјави дека средбата во Брисел не дала резултати поради условувањата од Србија и поддршката за предлогот на претставникот на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак, прво да се формира Заедница на општини со мнозинско српско население како предуслов за реализација на други договори.

Курти на прес-конференцијата рече дека на средбата дал предлог за следните чекори во спроведувањето на Договорот од Брисел и од Охрид, бидејќи српската страна немала никаков предлог. Тој додаде дека како премиер на Косово не може да го прифати предлогот на Србија да започне прво со формирање на Заедницата, како предуслов за спроведување на другите договори.

Тој истакна дека во оваа прилика ја повторува подготвеноста без никакви предуслови да ги применува договорите од Брисел и Охрид.

Курти неколкупати повтори дека претседателот на Србија Александар Вучиќ не дал никаков предлог на средбата и затоа средбата завршила без резултати, додавајќи дека компромис не може да има, бидејќи според него, не може да има компромис меѓу предлогот и редоследот на чекорите во спроведувањето на бриселскиот и охридскиот договор и стариот услов – ЗСО.

Кога побарав да го видам предлогот што го даде Србија, бидејќи ми рекоа дека постои, посредниците не можеа да ми го донесат и дури по завршувањето на средбата ми дадоа документ на две страници на англиски и кирилица кој е стар најмалку шест месеци. Тоа беше документ со кој Србија повторно условуваше дека прво мора да се формира Заедница на општини со мнозинско српско население, а потоа да се премине на основниот договор, прецизираше премиерот на Косово.

Тој вели дека во членот 10 од основниот договор (од Брисел) се посочува дека мора да се спроведат сите обврзувачки и валидни договори, а ги има 39. Но, не можете да изберете само еден и да го ставите како кола пред коњот. Затоа, јас не прифатив таков услов“.

Штета е што Лајчак прифати таков услов од Србија, со што ја наруши функцијата на медијатор, рече Курти.

Според него, документот што бил даден подоцна, по завршувањето на средбата, не бил предлог туку услов, кој, „за жал, бил прифатен од посредникот на ЕУ“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.