Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека со новата влада која се очекува да се формира во Црна Гора ќе го отвори одново прашањето на демаркацијата меѓу двете држави, јави дописникот на МИА од Приштина.

По денешната посета на училиште во косовската престолнина, Курти изјави дека расправата за ова прашање не била возможна со претходната влада во Подгорица, во која, како што рече, имало просрпски и проруски елементи.

Тој ја обвини поранешната косовска влада за штетен договор за демаркацијата со Црна Гора, на која вели дека Косово ѝ подарило 8.200 хектари земја и изрази надеж дека прашањето одново ќе се отвори.

Се надеваме дека Црна Гора наскоро ќе добие нова влада, со која ќе можеме да раговараме и да го третираме и ова прашање, за разлика од претходната, во која имаше проруски елементи, освен оние про-Белград, поради што нормално дека немаше услови за отворање на прашањето. Значи се надеваме дека повторно ќе го истретираме ова прашање, за кое секако вината и одговорноста ја сноси тогашната влада, која погрешно и многу штетно ѝ отстапи на Црна Гора 8.200 хектари косовска земја, изјави Курти.

Напоменувајќи дека неговата влада претходно одржала заеднички седници со владите на Македонија и Албанија, косовскиот премиер изрази уверување дека таква активност ќе се реализира и со новата црногорска влада, веднаш штом таа се формира.

На денешен ден пред четири години косовското Собрание, покрај силното противење и протести на опозицијата предводена од Движењето самоопределување на Курти, го усвои договорот за демаркација со Црна Гора. Иако тогаш се тврдеше дека тој договор е предуслов за визна либерализација за косовските граѓани, тоа сé уште се нема случено.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.