Премиерот на Бугарија, Кирил Петков, во интервју за Нова ТВ соопшти дека за неколку дена ќе го посети Киев, а за учество во делегацијата ги поканил претставниците на четирите партии од владејачката коалиција. Како што јави дописникот на МИА од Софија, веста за посетата на бугарскиот премиер на Киев доаѓа во контекст на сериозни проблеми меѓу владејачките партии за прашањето за воена помош за Украина.

Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, вчера ја напушти Софија без да добие јасен одговор дали Бугарија ќе даде воена помош. Тој учествуваше на состанокот на парламентарната комисија за надворешна политика, пред која зборуваше за руската воена акција во неговата земја и повика на воена помош.

Петков напиша обраќање на Фејсбук, во кое повика на бришење на црвените линии и укинување на ултиматумите за ова прашање.

„Демократска Бугарија“ најави дека доколку не се прифати воена помош, тоа може да доведе до нивно повлекување од владејачката коалиција. Лидерот на „Има таков народ“ Слави Трифонов на својот Фејсбук профил за првпат напиша дека треба да се обезбеди секаква помош за Украина, вклучувајќи и воена. Главен противник останува Бугарската социјалистичка партија на вицепремиерката Корнелија Нинова, која смета дека доколку се даде оружје, конфликтот дополнително ќе ескалира.

Народното собрание на Бугарија по велигденскиот одмор мора да одлучи дали ќе испрати воена помош за Украина.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.