По масовното убиство во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград и најавата на надлежните дека сторителот не може кривично да одговара поради неговата возраст, јавноста во Србија, но и во регионот, се прашува дали тој ќе биде на слобода и дали државата има алатки да го казни на било кој начин.

Експертите велат дека има, но дека процесот е долг, комплициран и бара сериозен лекарски преглед. Велат дека државата сигурно нема да дозволи сторителот да го повтори делото.

Еден возрасен и девет деца во ОУ „Владислав Рибникар“ беа убиени – фактички и законски гледано, од дете. Затоа тоа 13-годишно дете не одговара кривично за делото. Не му се заканува затвор, па дури ни казнено-поправен дом.

На лице кое во моментот на извршување на незаконито дело, дефинирано во законот како кривично дело, не наполнило 14 години, не може да му се изречат кривични санкции или да применува други мерки предвидени со овој закон, наведуваат прописите.

Поради тоа, јавноста и родителите на учениците на „Рибникар“ се прашуваат дали тоа значи дека тој ќе биде слободен. Меѓу другото, од државата бараат стручно објаснување што ќе биде со момчето, бидејќи децата стравуваат дека тој ќе биде ослободен. За тоа што понатаму ќе се случува, за српски „Курир“ објаснува невропсихијатарката Славица Ѓукиќ Дејановиќ, која била вештак во претходните случаи на малолетнички убиства.

Експерти, пред се детски психијатри, психолози, работат на испитување на структурата на неговата личност, неговите психолошки својства и ова е процедура која секако ќе трае со недели, можеби и со месеци“, вели Ѓукиќ Дејановиќ.

Како што појаснува таа, во случај некој да не одговара кривично и да стори дела поради ментална болест, тогаш мора да се изрече лекарска мерка задолжително лекување.

Тој третман може да биде и во затворена институција, а вообичаено е барем некое време да биде така“, додава поранешната претседателка на српското Собрание.

Со какви инструменти располага државата?

Ниту медицинската, ниту судската пракса во Србија досега не се сретнале со ваков случај. Учејќи за тоа од искуствата на другите земји, тие уверуваат дека и Србија има инструменти за санкционирање. Адвокатот Бранислав Станишиќ наведува дека Законот за заштита на лицата со ментални нарушувања ја вклучува можноста лицето да биде задржано, хоспитализирано на третман од затворен тип во психијатриска установа, со број на години не подолг од 18 години.

Тој закон може да се примени и за децата со потпис на детски психијатар. Еден од начините на кој тие можат да бидат задржани во затворена установа без одобрение од нивниот старател или законски застапник е да се процени дека се опасни по себе, својот живот или животот на другите“, вели Станишиќ.

Славица Ѓукиќ Дејановиќ забележува дека државните инструменти постојат, дека се проценува интересот и безбедноста на луѓето, децата кои би можеле да бидат жртви доколку ризикот е поврзан со однесувањето на малолетно лице.

Не е само ризикот што би можел тој да направи и дали тоа би биле дејствија што веќе ги направил или уште посериозни, туку и каков ризик носи сторителот на кривичното дело како личност со карактеристиките што ги има и дејствија што ги направил во однос на другите“, забележува Ѓукиќ Дејановиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.