Лидерот на Република Српска, Милорад Додик, денеска изјави дека е горд што е под санкции на САД и дека своето натамошно политичко патување го планира „со пријателите“, наведувајќи дека тоа се претседателите на Србија и Русија, Александар Вучиќ и Владимир Путин и унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Додик и неговите најблиски соработници, меѓу кои се речиси сите водечки луѓе во Република Срспка, како и членката на Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ, се под санкции на американското Министерство за финансии, а сега се соочени со фактот дека банките во БиХ, сите од ред, им ги затвораат сметките и на тој начин се обидуваат да избегнат ситуација во која и самите би ги трпеле последиците со тоа што ќе бидат исклучени од меѓународните платни трансакции.

Додик и неговите соработници сега не можат да добиваат плати, како и заеми или кредитни картички, а со затворањето на банкарските сметки, компаниите што САД ги идентификуваа како извор на финансиска моќ за лидерите на босанските Срби.

Меѓу нив е и фирмата „Интеграл инжењеринг“ од Лакташи, која до неговата смрт минатата година ја водеше пријателот на Додик, Слободан Станковиќ. И покрај тоа што почина, санкциите за неговата компанија останаа, а од таму потврдија дека од досегашните 17 сметки, банките затвориле 15, а наскоро очекуваат да ги блокираат и останатите две, па не не знаат како ќе продолжат да работат.

И покрај фактот што поради санкциите стана несолвентен, Додик денеска изјави дека „не му е грижа за американските санкции“ и дека тоа нема да го одврати од неговата политика.

Имаме и други пријатели, рече Додик, а обидувајќи се да ги наброи, ги спомна Вучиќ, Путин и Орбан, а особено сметаше на соработка со Будимпешта и Белград, кој го нарече и негов главен град.

„Унгарија, Република Српска и Србија ќе се здружат во некаков вид економска унија“, најави Додик.

Тој повторно се закани дека Република Српска наскоро ќе го усвои својот изборен закон и по него ќе спроведе избори доколку не се отповика одлуката за наметнување технички измени во изборниот закон, што ја донесе високиот претставник Кристијан Шмит.

Ќе го донесеме тој закон и според него ќе спроведеме избори во Република Српска. Не ни е грижа доколку Западот не ги признае. Ние ќе ги признаеме, рече Додик.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.