Иако сите очекуваа денеска покрај Филип Миркуловски во пензија ќе замине Кирил Лазаров, тоа не се случи со пригоден дрес како благодарност за сѐ во својата кариера, но македонскиот капитен-селектор најави дека сега не било време за простување, иако додаде дека на Светското првенство во Шведска и Полска многу извесно ќе биде само на клупата во тренерка.

Македонија го продолжи континуитетот на настапи на големите натпреварувања, со пласманот вечерва на Светското првенство, шесто во низа, а осмо во историјата, но многумина очекуваа дека покрај популарниот Жути и Лазаров пред седум илјадната скопска публика ќе се прости од националниот дрес. Лазаров објави дека не било време за такво нешто, за да не се создаде дополнителен притисок, ама…

„Ако се случеше и мое простување, тоа ќе беше притисок плус врз мене, па добро го истемпиравме сето ова. Јас и претходно реков не е време сега, има време за простувања, најважно беше да го задржиме континуитетот и тоа успеавме. Деценија и повеќе сме на големи натпреварувања, имавме полна сала и таа традиција треба да ја негуваме. Полека излегуваме на површина, без разлика до мене и без мене, треба да градиме нова селекција зашто народот ја сака и ја почитува оваа репрезентација.

Мислам дека треба да спаднат емоциите, да прославиме, но 90 проценти, па и повеќе, на Светско ќе ме гледате во тренерка! Треба човек да знае кога да се прости, кога е време за тоа, кога е на врвот. Јас кариерата и после тој ковид, ја продолжив за една година, само поради Македонија, моето искуство, но и на Жути придонесе ете да играме на уште едно Светско. Единствено јас тешко ја поминав таа повреда на Европско, мислев дека ако сме комплетни ќе можеме до подобар настап, но така едноставно требало да биде“, додаде Лазаров.

Извор:Спорт1.мк



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.