Под строги протоколи и ограничен број само домашни гледачи поради пандемијата на корона вирусот денеска во Пекинг официјално почнуваат Зимските олимписки игри (ЗОИ 2022) на кои до 20 февруари ќе настапат 2.900 спортисти од над 90 држави.

Церемонијата на свеченото отворање ќе почне во 12:55 часот по средноевропско време на стадионот „Птичје гнездо“ на кој беше отворена и летната Олимпијада во 2008 година.

И овој пат улогата на уметнички директор на церемонијата му е доделена на најпознатиот кинески режисер Жанг Јиму, кој најави спектакуларно отворање на олимписката манифестација.

Можноста по втор пат да го режирам отворањето на олимписките игри е голема чест, но и товар, бидејќи никој никогаш не бил два пати режисер. Отворањето на зимски игри ќе биде уште подобро од Пекинг 2008, бидејќи ќе креирам нешто ново. На отворањето на Игрите 2008 ја претставив кинеската историја и цивилизација, а денес сè е поинаку, и статусот на Кина и угледот на Кина во светот – изјави 71-годишниот Јиму, кој најави дека нема да вклучува „голем број изведувачи“.

Првпат во историјата на Зимските олимписки игри ќе настапат Саудиска Арабија и Хаити.

Македонскиот олимписки тим го сочинуваат Ана Цветановска (нордиско трчање), Ставре Јада (нордиско трчање) и Дардан Дехари (алпско скијање).

Цветановска ќе настапи 5 и 10 февруари, Јада на 8 и 19 февруари, додека Дехари ќе настапи во слалом на 13 февруари и во велеслалом на 16 февруари.

Честа да го носи македонското знаме на стадионот „Птичје гнездо“ ќе ја има Дехари.

Пекинг од денеска и официјално ќе стане првиот град во олимписката историја, домаќин на летна и зимска олимпијада, а според кинеските власти, за организацијата на ЗОИ2022 се потрошени 3,5 милијарди евра.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.