Македонскиот фудбалски прволигаш Шкендија го назначи денеска Јетон Беќири за нивен тренер, потпишувајќи со младиот стратег договор за соработка во следните 18 месеци.

Четириесетиедногодишниот Беќири се враќа во тетовскиот клуб во кој во минатото беше прв асистент, а во два наврати и вршител на должноста главен тренер.

– Со своето богато домашно и меѓународно искуство, во Беќири го гледаме вистинското решение на клупата во периодот што следува, соопшти Шкендија, која по првиот дел од сезоната во македонското првенство е третопласирана со 35 бодови, четири помалку од водечката Струга.

Беќири, кој во минатото беше тренер на Ренова и Струга, се враќа во македонскиот фудбал по ангажман во саудискиот клуб Ал Џабалаин, откако во меѓувреме го предводеше и албанскиот прволигаш Билис Балш.

– Да се биде тренер на Шкендија е чест и задоволство, но, истовремено и одговорност и мој личен предизвик. Сакам да играме напаѓачки и агресивен фудбал, но и тактички да бидеме многу одговорни. Верувам дека имаме добри шанси на крајот на првенство да бидеме првопласирани, изјави на промоцијата Беќири



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.