Со помош на новата технологија во вештачката интелигенција, од демо снимка направена пред 20 години, денеска на неговиот роденден е објавена нова песна од прерано загинатиот Тоше Проески. „Кажу да време, време лечи све, ал шта ми врeди вечност без тебе“… се стиховите од рефренот на последната отпеана песна од најголема македонска музичка ѕвезда, оставена како аманет на радио-водителот, диџеј, продуцент и пред сè пријател на Тоше, Кирил Зарлинов попознат како Ерик Фокс. Тој одлучи демо снимката комплетно аранжмански да ја заврши и да ја даде како подарок од Тоше за сите негови обожаватели по повод неговиот роденден, се со цел неговиот лик и дело никогаш да не бидат заборавени.

Првата демо снимка е направена во септември 2004 година во домашното студио на Кирил.

Автор на музиката и текстот е Зоран Ѓорѓевиќ, а аражманот и продукцијата се на Кирил Зарлинов (диџеј Ерик Фокс). Миксот и мастерингот се на нашиот познат микс инженер, кој долги години живее и работи во САД, Костадин Камчев -„Студио Моцарт” од Њу Џерси, кој има три номинации на музичките ГРЕМИ награди за најдобар микс инженер.

Голема благодарност до целата екипа кои што несебично помогна во реализацијата на песната; Давор Јордановски, Дарко Тасев, Иле Спасев, Јован Јованов и Александар Тасиќ од Лесковац. Посебна благодарност до Александар Трајановски кој што ја донесе песната во Македонија и му ја понуди на Тоше, изјави Кирил.

За спотот се погрижи екипата на „Студио 351” од Кавадарци.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.