Во недела на 9 октомври, „ХЛАДНО ПИВО“, еден од најзначајните панк-рок бендови во регионов ќе одржи концерт во скопскиот МКЦ, во склоп на серијата настапи пред, како што најавуваат, подолгата концертна пауза на бендот. По оваа турнеја, фронтменот Миле Кекин во следните години ќе се посвети на соло-кариерата, додека останатите членови од групата, Младен Субошиќ Суба, Зоран Субошиќ Зоки, Милко Киш Деда и Крешимир Шокец Шоки, ќе продолжат заедно да работат преку проектот „Герила Меинстрим“.

Концертот на „Хладно Пиво“ е воедно дел и од низата настапи на актуелната, исклучително успешна турнеја насловена „35 за 35“, со која групата обележува три ипол децении постоење. На 9 октомври, како дел од програмата на годинашниот Таксират Фестивал, легендарниот хрватски панк-рок бенд се враќа во МКЦ по цели 5 години од нивниот последен, распродаден концерт тука.

По распродадените два настапи на „Дед Кен Денс“, потоа и неодамнешниот на Ману Чао, ова е четврти концерт во рамки на програмата на Таксират 2022, а според интересот на публиката се чини дека и овој ќе ја продолжи низата како целосно распродаден. Имено, за концертот на ХЛАДНО ПИВО во Скопје останати се уште едвај 200 билети, достапни за купување онлајн или во продажните места на МкТикетсВлезот за посетителите ќе биде отворен во 20:00 часот, а почетокот на концертот е закажан во 20:30 часот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.