Сигурно многумина од вас овие денови можеа да видат голем број од нашите јавни личности, пејачи, водители и актери како на социјалните мрежи споделуваат видеа на кои пеат некоја песна. Всушност станува збор за најновиот сингл на дуото – ДНК која носи наслов „Животе брате“, а на која како гости учествува кралот на фолк-музиката Наум Петрески и светски познатиот, а сепак наш Џамбо Агушев.
По се изгледа ова е уште една песна на ДНК која има голем потенцијал да стане химна на народот, односно како што е нивната „Ако утре ме нема“.
Панчо и Андреј велат дека во „Животе брате“ метафорично преку обраќање на небото/Бога, се обраќаат на животот.
„Животе брате, брате, дај насмевни се. Животе брате, брате дај смилувај се. Животе брате да запееме, Еднаш живееме“ – се пее во рефренот на оваа песна, а тоа се зборови кои токму Андреј и Панчо ги порачуваат на сите нас.
Немаме што да ви изјавиме. Кратко и јасно, ова е песна за животот! Пресреќни сме и почестени што две големи македонски легенди ни гостуваат и воедно благодарни што прифатија да бидат дел од овој проект. Искрено веруваме дека публиката ќе ужива во неа, велат момците од ДНК.
Инаку како и за останатите „чеда“ на ДНК, така и за оваа тие снимија одличен видеоспот со многу статисти и пријатели, а како режисер на спотот се потпишува Огнен Шапковски.
Како локации се избрани Скопска Црна Гора и етно ресторанот „Рибилимус“.
Авторскиот тим е идентичен, Лазар Цветкоски се погрижи за аранжманот, текстот е на Панчо, музиката заедничка, додека делот на трубите самиот Џамбо Агушев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.