На 22 мај, Јуроп хаус организира уникатен музички настан по повод Денот на Европа под наслов „Мајска Сесија“. Посетителите на платото пред Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од 20 часот ќе имаат можност да бидат дел од незаборавно патување низ македонската музичка историја преку изведбите на стари хитови од страна на најактуелните и најпопуларни млади музички таленти.

Песните ќе бидат изведени од неколку од највозбудливите млади таленти на македонската музичка сцена, како Фанк Шуи, Пијан Славеј и Дина Јашари, заедно со Sethstat feat. Марија Каева и Ретро Кабаре. За дополнителна забава ќе се погрижат DJ Goce & LD Pistolero, кои како и секогаш ќе се погрижат забавата да добие уште повисок интензитет. Секој изведувач ќе понуди интерпретација во свој стил на дел од најпознатите македонски мелодии, обединувајќи ја традицијата и современоста во едно.

Целиот настан ќе биде водена од легендарниот радио водител Драган Б. Костиќ, кој ќе ги најавува преработките на хитовите од популарните Бастион, Леб и Сол, Маја Оџаклиевска, Балкан Експрес, Драган Каранфиловски Бојс, Ерзана, Нина Спирова и многу други. Покрај музиката, настанот ќе нуди и книжевен саем, винил поп-ап продавница и избор на гастрономски уживања, кои ќе ги задоволат различните вкусови на посетителите. Овие активности планирани се да започнат во 18 часот.

Организаторите ветуваат вечер на одлична забава: „Сите оние кои сакаат да го доживеат ова несекојдневно музичко и културно искуство – ова е прилика која не се пропушта. Дојдете да се преслушаме и да уживаме во пулсот на минатото вкрстен со креативноста на младината, и тоа во срцето на Скопје, изјавуваат од Јуроп хаус.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.