На 5. март, 60 години по смртта на Милтон Манаки, во киносалата на Кинотеката ќе се прикажуват документарниот филм „Манаки – Приказна во слики“ за фотографската дејност на Јанаки и Милтон Манаки, целокупниот опус од 42 филма кои овие балкански кинематографски пионери ги снимиле со култната Камера 300, како и филмска репортажа од 1956 година со тогаш „живата  битолска легенда“ Милтон Манаки.

Кинотека на Македонија се приклучува кон одбележувањето на 60-годишнината од смртта на Милтон Манаки, со две проекции во вторник, на 5 март.

Најпрвин, со почеток во 18 часот, м-р Роберт Јанкуловски, редовен професор на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ и основач на „Македонски центар за фотографија“, ќе одржи презентацијата под наслов „Фотографиите на Манаки, записи низ времето“.

Потоа следува проекцијата на документарниот филм „Манаки – Приказна во слики“ (2018, 70 мин., црно-бел/колор) во режија на самиот Јанкуловски, а по сценарио на Илинденка Петрушева и Јанкуловски.Филмот е посветен на фотографската работа на Јанаки и Милтон Манаки, првите балкански сниматели, и преку оригинални документарни фотографии го следи нивното професионално патешествие од отворањето на првото фотографско ателје во 1898 година во Јанина, се до нивната преселба во Битола каде покрај фотографско ателје, градат и киносала и почнуваат да се бават професионално со киноприкажување на филмови.

Веднаш по документарниот филм ќе биде прикажана и кратката филмска репортажа под наслов „Средба со нашиот прв филмски снимател“ снимена во 1956 за потребите на филмскиот журнал „Филмски репортер бр.4“ подготвен од страна на екипата на Вардар филм од Скопје. Редактор на оваа приказна за Милтон Манаки е тогаш младиот режисер Димитрие Рули Османли, кој токму преку серијата журнали ќе почне и практично да се занимава со филм, откако три години претходно ќе дипломира филмска и театарска режија на Високата филмска школа во Белград. Османли во неколку наврати има истакнато дека бил под големо влијание на „чичко Милтон“ кој го разгорел неговиот интерес за подвижните слики уште кога бил младо момче во Битола (меѓу двете светски војни), нагласувајќи дека прв пат видел камера токму во рацете на Милтон – легендарната камера Bioscope No.300 – но и додека првите филмски проекции кои ги следел биле токму оние во киното на браќата Манаки на Широк сокак.

Подоцна, со почеток во 20 часот, ќе се одржи проекција на 42-та наслови на браќата Манаки снимени со нивната Камера со сериски бр.300, а кои помладиот брат Милтон во 1963 година, пред својата смрт, ги предал на чување во Државниот Архив на Македонија. Во 1996 година Кинотеката направи 35мм заштитна архивска копија од овие оригинални нитратни филмски ленти (кои денес се чуваат во бункер, заради лесната запаливост), а во 2012/2013 година истите беа дигитализирани и дигитално реставрирани во Унгарската филмска лабораторија во Будимпешта. Веднаш потоа дигитилизираните материјали беа објавени на ДВД и промовирани пред јавноста.

Позначајни моменти забележани со камерата на Манакиевци се снимката на 114-годишната баба Деспина како преде во родното село Авдела – која е воедно и прв филмски кадар снимен на ова тло – потоа историската посета на турскиот султан Мехмед Решад V на Битола и Солун, посетатата на принцот Александар Караѓорѓевиќ на Битола, погребот на митрополитот Емилијанос од Гревена, празнувањето на Водици во Бер и во Битола, празнувањето на Духовден на гробишта, снимки од свадби и други верски обичаи, посетата на големата романска делегација на Битола и околината, празнични поворки за време на Хуриетот, односно Младотурската револуција, итн. Пред проекцијата, професорот и советник филмолог д-р Атанас Чупоски ќе има излагање за делото на Милтон Манаки, а присутните ќе добијат примерок од ДВД изданието со дигитално реставрираните филмови на Браќата Манаки.

Во книжарницата на Кинотеката, за време на целиот настан, ќе бидат изложени печатени изданија за животот и делото на браќата Манаки, како што се биографската книга „Манаки“ (2003, Кинотека на Македонија) на авторот Игор Старделов, фото-монографијата „Манаки“ (2017, Македонски центар за фотографија) на Роберт Јанкулоски, сценариото на Димитрие Османли за нереализираната филмска комедија под наслов „Екселенции, мирно! – Филм во книга“, печатено во 1994 година, и други.

Милтон Манаки е роден 1880 година, во влашкото село Авдела, во близина на Гревена, денешна Грција. Тој бил две години помлад од Јанаки, но за разлика од него не покажал голем интерес за школо, туку повеќе бил авантурист и боем. Фотографскиот занает го усовршува под менторство на Јанаки, во нивното прво фотографско ателје во Јанина, а во 1905 браќата го отвораат познатото фото-ателје на битолскиот Широк сокак. Во тој период, според подоценежните раскажувања на Милтон, Јанаки ја набавил филмската камера со сериски број 300 од моделот Bioscope, произведена од компанијата Charles Urban Trading Co. Тогаш започнува и снимателската активност на браќата Манаки и тие на филмска лента ќе забележат многу настани, верски и етнографски обичаи, воени и цивилни паради, армии, политички фигури итн., денес бесценети сведоштва за историјата и на Битола и битолскиот крај, но и за целата држава.

Милтон го надживеал Јанаки за цела деценија и починал во 1964 година во Битола. Целокупното творештво браќата Манаки – и фотографското и снимателското – една година пред своето заминување Милтон ќе ги депонира во Државниот архив во Скопје и Околискиот историски архив во Битола. Оттаму денес можеме да се пофалиме дека нашите државни институции се чувари на значајното творештво на Јанаки и Милтон Манаки.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.