Со црвен тепих на којшто ќе зачекорат бројни ѕвезди, меѓу кои Харисон Форд, Џони Деп и Натали Портман, денеска почнува Меѓународниот филмски фестивал во Кан. Во трката за „Златна палма“ се натпреваруваат 21 филм.

Швеѓанецот Рубен Остлунд, минатогодишен добитник на главната награда за филмот „Без филтер“, годинава е претседател на жирито. Заштитно лице на годинашното, 76. издание на Фестивалот е француската глумица Катрин Денев со огромниот портрет од неа на влезот од палатата.

Фестивалот ја избра ќерката на Катрин Денев и италијанскиот актер Марчело Мастројани, Кјара Мастројани, исто така глумица, за официјално да го отвори и затвори настанот на 27 мај.

Меѓу ѕвездите кои се натпреваруваат за „Златната палма“, има и веќе наградувани личности како Британецот Кен Лоуч (86), двократен добитник (2006 и 2016), Германецот Вим Вендерс, кој ја доби наградата во 1984 година за филмот „Париз – Тексас“, и Италијанецот Нани Морети. Во Кан се враќа и финскиот режисер Аки Каурисмаки со „Исушено лисје“, како и Италијанецот Марко Белокио (83) со „Киднапирање“. Јапонскиот режисер Хироказу Коре-еда, доботник на „Златната палма“ во 2018 година за филмот „Семејна афера“, овојпат ќе го претстави филмот „Чудовиште“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.