Филмот „Најсреќниот човек на светот“ на Теона С. Митевска ќе биде прикажан на Канскиот филмски фестивал во програмата на Cannes Cinema.

Оваа програма е наменета за љубителите на седмата уметност и нуди преглед на Канскиот филмски фестивал, но и филмови кои имаа успешни проекции на други фестивали, но и успешна дистрибуција. Споменатиот филм повторно ќе биде прикажан во Кан на 23 мај.

„Најсреќниот човек на светот“ премиерно беше прикажан во конкуренција на Хоризонти на престижниот Филмски фестивал во Венеција. Тој годинава беше македонски кандидат за Оскар . Добитник е на наградата ФИПРЕСЦИ за најдобар филм на 35. Панорама на европскиот филм во Атина, а добитник е и на Гран-при на жирито и на наградата за младо жири на 14-тиот филмски фестивал Les Arcs во Франција.

Филмот ја раскажува приказната за една жена која оди да го запознае мажот на нејзиниот живот, но всушност го запознава својот непријател. Филмот меша хумор со тага, сериозна и лесна содржина, сè до самата разрешница, во која ликовите повторно се принудени да се вратат на настаните од војната, кои сега се измешани со денешницата.

„Најсреќниот човек на светот“ е целосно на босански јазик и главнината на актерската екипа се босански и хрватски актери. Играат и Ана Костовска, Лабина Митевска, Николина Кујача како и Фирдаус Неби, Џевдет Јашари и Зорица Нушева во епизодни улоги, додека главните улоги ги толкуваат Јелена Кордиќ-Курет и Аднан Омеровиќ. Во актерската екипа се и Ксенија Маринковиќ од Хрватска, Изудин Бајровиќ, Ирма Алимановиќ, Ведрана Божиновиќ, Мона Муратовиќ, Синиша Видовиќ и Кемал Ризвановиќ од БиХ.

Филмот е копродукција на Македонија, Словенија, Хрватска, Белгија, БиХ и Данска и најголем дел од екипата доаѓа од БиХ, вклучувајќи ја косценаристката Елма Татарагиќ, врз чија вистинска приказна е заснована приказната.

Агенцијата за филм на Република Македонија и оваа година ќе биде присутна на филмскиот маркет кој се одржува од 16. до 27. мај во рамки на Канскиот филмски фестивал каде ќе биде промовирана македонската кинематографија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.