Добитник на Златната мечка за најдобар филм на овогодинешното Берлинале е францускиот експериментален документарен филм „Дахомеј“, кој го тематизира враќањето на конфискуваните уметнички дела во Африка ограбени од европските земји во колонијалниот период.

Би сакала да му се заблагодарам на народот на Сенегал за борбата за демократија, рече режисерката на победничкиот филм, Мати Диоп, во саботата откако ѝ беше врачена Златната мечка на овогодинешното 74-то Берлинале за најдобар филм во главната конкуренција.

Режисерката, којашто има сенегалско потекло, во својот говор ја изрази својата поддршка за Палестина.

Документарецот го следи враќањето на 26 скулптури од Франција во денешен Бенин, од кој овие уметнички дела биле оттуѓени за време на француската колонијална власт во XIX век.

Големата награда на жирито му беше доделена на јужнокорејскиот режисер Хонг Сангсу за филмот „”A traveler’s needs” во кој главната улога ја толкува француската актерка Изабел Ипер.

Германскиот автор Матијас Гласнер ја доби Сребрената мечка за најдобро сценарио за неговиот филм „Умирање“.

Американскиот актер Себастијан Стен ја доби Сребрената мечка за најдобра машка улога за улогата во филмот „A Different Man“, а британската актерка Емили Вотсон ја освои Сребрената мечка за најдобра споредна женска улога за филмот „Small Things Like these“.

Сребрената мечка за најдобра режија му беше доделена на режисерот од Доминиканската Република, Нелсон Карлос Де Лос Сантос Ариас, за документарниот филм „Pepe“, кој се фокусира на судбината на еден од нилските коњи кои колумбискиот наркобос Пабло Ескобар му ги донел во својата зоолошка градина.

Во вторникот почесната Златна мечка за животно дело му беше врачена на американскиот режисер Мартин Скорсезе.

На овогодинешното Берлинале беа прикажани 233 филмови, од кои 20 беа во главната програма. Меѓународниот филмски фестивал во Берлин, кој започна на 15-ти февруари, завршува в недела со проекциите резервирани за пошироката публика.

Ова е последно Берлинале под водство на тандемот Мариет Рисенбек и Карло Чатријан, кои го презедоа водството во 2020 година. Од пролетта, водството на Берлиналето, кое заедно со фестивалите во Кан и во Венеција, важи за една од најзначајните филмски смотри, го презема американската филмска менаџерка и поранешна шефица на Лондонскиот филмски фестивал, Триша Татл.

Критичарите укажуваат на натамошното губење на важноста на Берлинале, кое со години го губи значењето што го имаше за време на Студената војна, кога Берлин беше симбол на поделениот свет.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.