Серија фотографии на кои се гледа Џони Деп со видливи исеченици, модринки и гребаници на лицето, наводно предизвикани од Амбер Херд, беа прикажани пред судот на четвртиот ден од судењето за клевета меѓу актерот и неговата поранешна сопруга.

Деп треба да сведочи денеска, вторник, според Судската телевизија, која во живо го пренесува судењето од окружниот суд Ферфакс во Вирџинија, објави Скај њуз.

Кадрите ги снимил телохранителот на Деп, Шон Бет, со неговиот мобилен телефон. Тој ѝ кажа на поротата дека инсистирал фотографиите да се направат „како доказ во случај г-ѓа Херд да се обиде да поднесе обвинение против Деп“.

За време на неговото сведочење, телохранителот исто така рече дека иако никогаш не видел физичко насилство меѓу Деп и Херд, неколку пати видел повреди на ѕвездата на „Пиратите од Карибите“. Фотографиите прикажани на суд се направени во март 2015 и декември 2015 година.

Тој неколкупати одговори дека никогаш не ја видел повредена Херд.

Бет го спомна и скандалозното патување во Австралија во март 2015 година, при што се случи инцидент во кој на Деп му беше отсечен врвот на прстот. Поради ова, тој беше опериран и му беше извршена трансплантација на кожа. Приказните за тоа како се случила повредата се контрадикторни. Луѓето на Деп велат дека тоа било предизвикано кога Херд фрлила шише вотка кон него, додека тимот на Херд рече дека актерот си ја повредил раката кога го удрил телефонот во ѕидот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.