Васко Шутаров
Реликти и деликти
„Кој злонамерно или невистинито ги прикажува општествено-политичките прилики во земјата, ќе биде казнет со затвор од една до единаесет години“ (чл.133 од Кривичниот закон на СФРЈ)
Во 1979 година Вишиот суд во Белград констатира дека во едно средно училиште во Зрењанин, проф. Милорад Новаковиќ „зборува банални работи за нашиот политички и економски систем“. Па, во еден брз кафкијански судски процес ќе биде осуден на пет и пол години затвор, „затоа што зборува дека нашиот систем нема иднина, дека може да се распадне, дека може да дојде до одвојување на републиките и покраините и дека неминовно ќе дојде до крвопролевање помеѓу југословенските народи“.
Професорот Новаковиќ поради тие изречени зборови одлежал цели четири години и четири месеци затворска казна. Пресудата против него не е позајмена од Орвеловата „1984“ и неговата „Полиција за вистината“, туку од судските досиеја за една од најскандалозните пресуди донесени во последната деценија од социјалистичкото владеење во Југославија, која се повикува на вербалниот деликт од озлогласениот член 133 од Кривичниот закон на тогашната СФРЈ.
Истата таа 1979 година, тогаш најпознатиот актер на македонското глумиште Ристо Шишков, бил обвинет за навреда на српски и хрватски актери и навреди кон Тито. Претходно, во својство на секретар на Друштвото на драмски уметници, јавно го изразил своето незадоволство од праксата на повикување не само на југословенски туку и на актери од Полска, Романија и тогашниот СССР во ретките македонски играни филмови. Сраснат до корен со голготата на Македонците од Егејот, по премиерата на филмот „Црно семе“ не го одмолчува ни коментарот на некој од присутните од политичкиот врв, дека филмот може да ги влоши односите со Грција. Во 1980 година заминува на одлежување казна затвор за овие сторени вербални деликти. Умира 6 години подоцна, на 46-годишна возраст.
Истата таа 1979 година една тогашна генерација полуматуранти, пишуваат на зададена тема со наслов, „Како го замислувам 21 век“. Поштедени од злокобната моќ на живиот вербален деликт со кој се опкружени, сонуваат и пишуваат за остварување на еден нов свет со сите можни слободи и права, за свет без војни, за свет без гладни, за свет без болести.
А само десетина години подоцна, таа симпатична интелигенција од нивото на приказни и бајки за златната рипка, ја потресуваат првите сериозни животни и интелектуални распаметувања. Не било сè така прозаично и сјајно во годините во кои сме посакувале нов свет и век со поголеми слободи и права, отсуства на војни, глад и болести.
Како студент на меѓународна политика на белградскиот Факултет за политички науки и меѓу редови читајќи ја проф. Смиља Аврамов (тогаш еден од водечките светски авторитети за меѓународно јавно право), разбирам дека во меѓународното право ни тогаш, а уште помалку во некоја далечна иднина, нема често да пронаоѓаме забележителни траги од морал или етика за кои бевме спремни да учиме и сонувавме. Бргу разбирам и дека светот нема да може да живее без војни и дека може никогаш нема да се повторат Првата и Втората светска војна, но дека во меѓувреме во стотина граѓански, локални и регионални војни животите ги изгубиле 26 милиони луѓе, од кои најголем број биле цивили.
Од други професори разбирам дека веќе биле потписници на петиција против вербалниот деликт од членот 133 од Кривичниот закон на СФРЈ и дека се подготвени повторно да го вложат целиот свој авторитет против оваа законска одредба со која стотици илјади граѓани кои изразиле свое критичко мислење за состојбите во Југославија, или одлежуваат казни или на друг начин ја носат стигмата на непријатели на државата.
Веќе денес, по триесетгодишната голгота и најдолгиот пат за признавање на една независна држава и народ, како што се македонската држава и македонскиот народ, не само што разбирам, туку јасно ми е како бел ден за каков морален амбиент зборуваме кога се повикуваме (и крстиме) во меѓународното право и меѓународните организации. А уште појасно, дека во домашното право реликтите и деликтите од време на комунизмот ќе ги загрозуваат кревките слободи и права на сите граѓани подеднакво, барем сè додека комунистичката матрица на дејствување е жива преку наследното комунистичко право и нивните потомци да владеат со нас и со институциите на државата.
И за жал, како најболно распаметување, денес кога се пребројуваат вработените со минималец од 18.000 денари или вчера кога се пребројуваа пензионерите со минималецот од 9.000 денари, дека токму во мојата држава во 21 век, стотици илјади сограѓани едвај скрпуваат крај со крај со своите животи и дека сите заедно, сосе наследниците на црвената буржоазија и новосоздадената транзициска олигархија сме длабоко закопани на дното од сиромаштија на европското тло. А покрај пандемијата, која само го соголи до коска одвај функционалниот здравствен систем, разбираме до најдлабока болка на поразеност, дека имаме и највисок процент на смртност од болести меѓу европските држави и дека никогаш порано, па ни во време на југословенскиот „социјализам со човечки лик“, стравот од болести и стравот да се пречекори прагот на било која здравствена институција не бил никогаш толку изразен.
Зад секоја забрана стои нечиј интерес! И идеолошки монопол на вистината
И толку години по падот на комунизмот, денес, низ (демек!) широка дебата и на мала врата (патем, со развиорено европско знаменце), актуелната македонска власт се дрзнува да протне законска материја со која ја регулира граѓанската одговорност за клевета и навреда, испишана со неподнослива леснотија на сè уште функционална рака останата од комунизмот, која предвидела и санкции за навреда поради негативно мислење за неа. Што да се каже а да не се заплаче, среде музејов од неостварени приказни за правата и слободите на македонските граѓани во 21 век?!
Каква дрскост, цели три децении по падот на комунизмот и времето кога можеше да се допушти тој луксуз да се криминализира нечиј говор како невистинит (бидејќи комунистичката власт беше единствен креатор на неприкосновената вистина), да се подметне таква законска алатка, типичен токсичен рецидив од комунизмот, со кој повторно ќе се ловат вештици кои мислат поинаку и замислете (!!), дури и негативно за власта која се практикува. Како да не беа доволни неброените лични и семејни трагедии поставени како жртва на олтарот на комунистичкиот вербален деликт, па требаше да се посегне по враќање на овој типичен комунистички реликт и во денешно време.
Што се должни младите денес, кои ни како виц не можат да ги разберат казните што нивните претци ги добивале за раскажан виц за Тито или за скандирање од трибини на фудбалски натпревари за повикот „Среќен Божик да ви биде!“, па допрва да се соочуваат со вакви токсични остатоци од некогашното комунистичко едноумие. Не сакам да верувам дека младите генерации родени после комунизмат, ќе го свиткаат својот грб за повторно „дисциплинирање на кичмата“, низ какво нивните родители поминувале, на еден, на друг или на трет начин, во зависност од начинот на комуницирање со непогрешливата комунистичка власт.
Кога ќе и стане јасно на оваа изгубена во просторот и времето власт, дека слободата на говорот не претставува слобода која тие ја дозволуваат некому со кого веќе се согласуваат, туку таа слобода е неотуѓиво човеково право кое постои и се почитува (барем во останатиот нормален и цивилизиран свет) за да се изрази и друго мислење, различен став, издржана критика или потполно негативно мислење кое може да биде искажано на сите можни демократски начини.
Освен тоа, ако баш толку држи актуелнава власт до европските вредности и правила на игра, свое видување и став по овие прашања има Европскиот суд за човекови права кој смета, дека оние кои вршат јавни функции мора да имаат повишен праг и критериум за примање критики, што значи, мора да бидат подготвени и на негативни критики и мислење за нивната работа.
По триесет години обиди за градење македонско демократско општество, добро ќе беше денес да зборуваме за јавен и приватен простор во кој сите граѓани подеднакво би биле заштитени од клевети, навреди или негативни мислење по сите основи, а посебно од оние кои во својата основа содржат предрасуди и стереотипи од родова, етничка, верска или расна основа. На кој граѓанин не му е важен угледот, честа и јавниот суд од непосредната околина или пошироката општествена заедница?!
Смрт на комунизмот! Да живее вербалниот деликт!
Но, „увреѓениве млади“ од власта, најпрво би да се заштитат себеси и сопствената чест и углед, бидејќи така најдобро се чуваат наследените привилегии кои генерациски ги уживаат, небаре за свети крави станува збор. На ова се вели, парафразирајќи една комунистичка крилатица: „Смрт на комунизмот, да живее вербалниот деликт! “
Ние живееме во време на наопаку свртена или потполно искривена стварност, креирана од јавно изречени наративи и зборорови. Монополот и доминацијата на владиниот наратив во креирањето лажна или замаглена стварност е директно загрозена со експлозијата од слободно изразена мисла која секој граѓанин, денес, може да ја пласира преку социјалните мрежи.
Некој ќе каже, па мора некако да се регулира „дигиталниот Див запад“ во кој секој против секого може да пука со цел арсенал од клевети, навреди и пакости кои го пречекоруваат секој праг на елементарна пристојност и приватност. Но, само во држави со длабоко комунистичко досие и долга традиција на казнувања и дисциплинирања на граѓаните може, најпрво и најлесно да се посегне по законски алатки со кои ќе се казнува загрозувањето на личниот углед, честа и достоинството само на владејачката класа.
Тоа се и држави во кои најчесто отсуствува демократски и отворен дијалог помеѓу власта и граѓаните и држави каде најлесно е со подигање на „ментални концентрациони логори“, да се тренира посакувано мислење и политичка коректност во каква власта милува да живее. Е токму таков, новокомпониран политички апартхејд ќе ни се случеше, ако поминеше одредбата за заштита од негативно мислење во законската материја за граѓанската одговорност, три децении по падот на комунизмот во светот.
Но, едно треба да ни биде сосема јасно по неуспешниов обид за враќањето на вербалниот деликт во нашите животи. Ова беше израз на крајна демократска немоќ на една власт, која со години во континуитет продуцира незадоволства и негативни мислења, во сите политики кои ги практикува. Дури и според нарачаните анкети од провладини агенции за истражување на јавното мислење, не постои сегмент од власта, од законодавната, преку извршната, до судската, кој не продуцира мнозинско негативно расположение.
Патем, на кого не му е јасно дека во сегашниов систем на темелно разнебитување и раздробување до последен атом на македонското општество, токму таквото негативно мислење и перцепција за актуелната влада е скоро единствениот и најмоќен кохезивен елемент кој сè уште чини некаква целина, уште жива, па уште и жилаво спротивставена против сите владини политики преку кои се гази по човечкото, граѓанското и националното достоинство, како и честа и угледот на македонскиот граѓанин.
За крај, мала, не неслучајна дигресија. На добрите студенти од „Харвард“, какви биле погоре споменатата професорка Аврамов или актуелниот бугарски премиер Петков, сосема им е јасна длабоката иронија дека ограничувањата на слободата на мислење своето родно место го имат во левиот тоталитаризам. Комунистичкиот блок држави предводени од некогашниот СССР, откога не успеале да ја вметнат забраната за говор на омраза во Универзалната декларација за човекови права во ООН, успеале во тоа преку Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, склучувајќи пакт со држави како Судан и Тахити, познати најмногу по кршењето на човековите права и слободи. На „Харвард“, за држави со нефункционална демократија и пазарна економија, сè уште се вели дека страдаат од типична балканска посткомунистичка дисфункционалност, бидејќи функцинираат како музеи од неостварени права и слободи на граѓаните.
„Наш Таче“ дали на „Харвард“ има слушнато за ова?
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.