Петар Поп-Арсов

… Некаде пред половина век, плус-минус дваесеттина години.

„Оној кој што со натпис, леток, цртеж, говор или на кој било друг начин повикува или поттикнува на соборување на работничката класа и работните луѓе; на неуставна промена на социјалистичкото самоуправно општествено уредување; на кршење на братството и единството и еднаквоста на народите и народностите; на уривање на органите на општественото самоуправување, власта или нејзините извршни органи; на отпор кон одлуките на надлежните органи на власта и самоуправувањето кои се значајни за заштитата и развојот на социјалистичките самоуправни односи, сигурноста и одбраната на земјата или злонамерно и невистинито ги прикажува општествено-политичките состојби во земјата, ќе се казни со затвор од една до десет години.
Тој што делото од ставот (1) на овој член ќе го стори со помош или под влијание на странство, ќе се казни со затвор од најмалку три години.“

Вака гласеше озогласениот член 133 од Кривичниот закон на СФРЈ.

Неговото популарно име беше „Вербален деликт“. Законска одредба врз чија што основа се спроведуваа политички процеси против неистомисленисците кои преку искажана мисла ја оспоруваа или доведуваа во прашање комунистичката власт во тогашната држава. Многумина завршиja со драконски казни како пример за сите останати кои се сомневаат во чистотата и исправноста на власта.

… Денешно време, токму сега, во моментов.
„За навреда одговара тој што за друго лице со утврден или очевиден идентитет, со намера да наштети на неговата чест и углед, со изјава, содржина, однесување, објавување или на друг начин ќе изрази омаловажувачко, понижувачко или негативно мислење.“

Вака гласи ставот 1 од членот 6 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, предложен од поранешниот министер за правда Бојан Маричиќ, омилениот лик на Заев и Ковачевски во нивните влади.

Негативно мислење?!

Навистина е премногу! Како ли само дошле на идеја да предложат вакво нешто? Како ли само се сетиле, одредбите кои се однесуваат на заштита од омаловажувањата, понижувањата и нанесувањето штета на честа и угледот, да ги искористат како параван зад кој ќе биде затскриен и воспоставен вербалниот деликт во Македонија. Забегано и монструозно?!

А токму таквите како Маричиќ, некаде во 2014 или 2015 година врескаа на сиот глас дека е потребна декриминализација на клеветата и навредата. Велеа дека тогашното законско решение, наместо да ги реши проблемите во медиумите, има негативно влијание врз слободата на изразувањето и поттикнува самоцензура. Се посочуваа високите парични казни како проблем и пречка при изразувањето на мислење во новинарските текстови.

Ако не ме лаже сеќавањето, некои од тогашните „борците за слободата на изразување“ се залагаа за селективен опфат на законот, односно од истиот да бидат изоставени одреден вид на медиуми и социјалните мрежи. Нормално, целта им беше тие самите да можат да пласираат лаги и клевети без да бидат гонети и санкционирани за таквата активност. Интересен е податокот што веднаш потоа, таквото изоставување кое што под нивни притисок беше имплементирано во законот, им се удри од глава и токму самите тие станаа жртви на клевети, навреди и омаловажувања од најмизерен вид за прашања од лична и интимна природа.

Таков е животот!

За жал, жртви на „медиумската герила“ станаа и перманентно се на удар луѓе кои целиот свој живот посветено работеа и работат на градење на сопствената репутација и углед, кои преку ноќ се рушеа како резултат на омаловажувањата и навредите од лична природа, само и само благодарение на недореченостите кои што останаа во оваа област. Можеме само да нагаѓаме уште колку успешни поединци во државава успеале да избегнат јавен линч и потсмев само поради тоа што платиле енормно високи суми за необјавување на навредливи конструкции од лична природа, од страна на предаторите од алтернативниот медиумски простор.

Соборците на некогашните „борци за слобода на изразувањето“, кои денес се претставени во ликот и делото на министерот за сè и сешто, Бојан Маричиќ, свртеа нова страница. Доста беа права, слободи, изразување, мислење и останати „непотребни“ вредности и достигнувања на совремнената демократија. Го враќаме вербалниот деликт! Негативното мислење ќе биде санкционирано и казнувано. Така стои во законот на Маричиќ!

Колку што може да се види од материјалите подготвени од владата, овој предлог датира од јули 2021 година. Не се работи за нешто ново, свежо или туку што излезено од владината кујна, па да речеме дека се провлекло како грешка или недоразбирање. Се работи за ситематски подготвувано законско решение кое има за цел поставување на механизам кој по потреба ќе се активира против политичките неистомисленици, во зависност од проценката на хибридниот режим на Заев, Ковачевски и Маричиќ.

Реакцијата против ваквото законско решение доаѓа некако во последен момент, во пет до дванаесет, после половина година од неговата промоција. Тоа говори за многу нешта кои што претставуваат вистински недостаток на нашето општество. Тоа говори за заспаноста на медиумската фела и отсуство на будност во следењето на законските решенија кои што се од најголем интерес во работењето на новинарите, вклучително и на нас кои што пишуваме колумни.

Подзаспаа и сите правници, адвокати, невладиниот сектор, „хелсиншките комитети и подкомитети“. Заспаа сите „борци“ за слободата на мислата и изразувањето. Заспаа и политичарите, оние најповиканите да бидат будни и правовремено да алармираат на сите аномалии и недостатоци кои доаѓаат во вид на предлог од владините кабинети. Заспа целокупниот прогресивен и интелектуален сегмент на општеството и дозволи воведувањето на вербалниот деликт да дојде само на чекор од неговата конечна промоција под европско знаменце. За малку ќе бевме сведоци на најпарадоксалниот чин на озаконување на најрестриктивните ограничувања на слободата на мислење и изразување практикувани во времето на комунизмот, ни помалку ни повеќе, под знаменцето на ЕУ.

Заспа и канцеларијата на ЕУ во Скопје… или можеби грешам?!

Се прашувам, до кога ЕУ ќе ја толерира злоупотребата на сопствениот симбол и ќе дозволува да биде инволвирана во донесувањето на недемократски и нецивилизациски законски проекти во земја кандидат за ЕУ членство? Земја раководена од влада која е официјално оценета и дефинирана како влада која што продуцира хибриден режим во државата!

До кога?

Тоа што владата во моментов го повлекува спорниот законски предлог, воопшто не може да ја амнестира од оправдана критика и вперување на прстот кон нејзините најодговорни поединци. Тоа што владата ја злоупотребува подзаспаноста на ЕУ, оптеретена со сопствени грижи, проблеми и слабости, не значи дека еден ден ЕУ нема да ги забележи „демократските достигнувања“ на неокомунизмот, кој педесетина години подоцна (плус-минус…) направи обид за воскреснување на вербалниот деликт. Најавеното повлекување на законот за негова доработка воопшто нема да го смени впечатокот за вистинските намери кои што оваа власт ги има, како и впечатокот за методите кои што е подготвена да ги примени во моментите кога вистински ќе биде притисната до ѕид.

Слободата на мислата и говорот треба да претставуваат приоритет за ова општество и за овој народ. За нив треба да се бори и гласно да говори макар и во пет до дванаесет како што е случај со конкретниов предлог закон. Воведување на вербален деликт не смее да има! Мора да се гарантира слободата на изразување, онака како што е гарантирана со Уставот на Македонија и Европската конвенција за човекови права.

Јавните функционери од сите ешалони и лостови на власта треба да имаат повисок праг на толеранција на критика доколку е упатена на службената компонента на нивното работење. Треба да се флексибилни, подготвени и навикнати на критика. Тоа е начинот преку кој ќе се создадат услови и ќе се изгради општествена култура на практикување на овие права и слободи, растеретени од страв и самоцензура на сопствената мисла и изразување. Критиката е корисна супстанца за имунизација и заштита на општеството од сите познати и непознати општествени болести.

Критика да, навреди не!

Мора да има и заштита од навреди и омаловажување. Мора да бидат заштитени вистинските вредности, личниот углед и репутација на секој поединец создавани во текот на животот, независно од неговата вокација или моментален професионален ангажман. Мора да биде заштитен социјалниот и материјалниот капитал на секој македонски граѓанин од навреди, омаловажувања, озборувања и клевети пласирани во сивиот и нерегулиран парамедиумски простор и социјалните мрежи.

Вперувањето на прстот кон некого мора да биде со причина и аргументирана поткрепа. Тој што со причина е посочен, треба да одговара, да сноси и друг вид на консеквенции или да биде подложен на критика и осуда од општеството. Но, исто така, треба сериозно да одговара и секој кој што со ширење на лажни вести, инсинуации и шпекулации, навредува, омаловажува и нанесува штета на поединци или групи.

Живееме во ера на лажно и шпекулативно „новинарство“. Дополнето со офанзивни и воајерски пориви на социјалните мрежи, во трката за видливост и читаност, ваквото новинарство претставува сериозна закана за вистинските новинари кои сè уште се држат до професионалните стандарди. Се урива работата на професионалците. Се урива работата на оние кои што со аргументи известуваат и укажуваат на аномалии и недостатоци од интерес на општеството. Нивниот натпревар со оние кои што шират измислици, лаги или пак навредливи вести поврзани со личните и приватни афинитети на поединци и кои немаат никаква врска со јавниот интерес, однапред ќе биде загубен доколку не постои ефикасно применувана законска регулатива во овој простор.

Зарем не е тоа една од целите на законот?

Фаќањето сеир е наш национален спорт, а инстант вестите со шпекулативен карактер се далеку повкусен мамец за конзумација на лакомите сеирџии кои што како кленови од прва го голтаат понуденото. Тие секојдневно се „извлекувани на суво“ и повторно „враќани во вода“, како во спортскиот риболов. Утре ќе има нов мамец, а рибниот фонд е истиот и ограничен, мора да има некој повторно да голта.

Проблемот е сериозен со потреба од темелен пристап за неговото решавање.

Да заклучиме.

Законот за граѓанска одговорност треба да има за цел да го заштити секој поединец, секој македонски граѓанин од навреди и омаловажувања, а не секој премиер, министер или партиски функционер од критичко или негативно мислење. Овој закон се однесува за сите, а не само за политичарите од власта!

Така е барем во развиените демократии кон чие што друштво се стремиме. Таму не постои инфлација на неосновани критики и лажни укажувања кои ги маскираат вистинските аномалии и ја затапуваат потребата и чувството за вистина и правда кај сопствените граѓани. Секое укажување на криминал, корупција или неморално и неетичко однесување на јавните личности, кои управуваат или се корисници на народните пари, веднаш станува предмет на интерес на органите на прогон (во превод, јавните обвинителства и полицијата) со потенцијален исход за кривична одговорност или пак станува предмет на критика и осуда со речиси извесен исход за оставки и напуштање на функциите.

Така е во Европа! Така е во земјите со „европско знаменце“ кое што кај нас можеше многу лесно да стане симбол под кој повторно ќе беше воведен вербалниот деликт.

Маричиќу, пак ја промаши поентата!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.