Петар Поп-Арсов

Ред е да кажеме збор-два за посетата на Урсула на Скопје. Да напишеме неколку реченици за средбите со нејзините домаќини Стево и Димитар. Не е во ред да не ја испочитуваме Урсула со еден текст, една колумна, во услови кога во текот на годината постојано зборуваме за ЕУ. Зборуваме за некакви, „веќе отпочнати“ преговори. Кога целиот политички фокус ни е ставен на уставните измени, како неопходен услов за преговори со ЕУ. Кога Собранието усвојува закони со европско знаменце на кило. Кога заседаваат историски комисии за да видат дали Цар Самоил ќе го блокира евроинтегративниот процес на државата. Не е во ред да се игнорира посетата на Урсула.

Дојде тивко, без помпи, фестивали и вообичаените сообраќајни метежи и блокади карактеристични за посетите на политичари од рангот на шефови и држави и влади. Дојде претседателот на Европската комисија, премиерот на ЕУ. Дојде дури во недела, нешто што до вчера беше непоимливо да се види од еден европски политичар, дипломат или бирократ. На времето се возбудувавме на посетите на „обичните“ еврокомесари, Оли Рен, Штефан Филе, Хан, Вархеји или во подобар случај, високите претставници за надворешна политика и безбедност на Европската Унија, Кетрин Ештон или Федерика Могерини. За Урсула возбудата и интересот… речиси на нула.

Дојде како на гости, во приватна посета на Стево и Димитар. Од впечатокот што го добивме, некако посоодветно е да говориме за гостувањето на Урсула, отколку за посетата на Претседателот на Европската комисија, фон дер Лајен.

Што зборувале на нивните средби, што договориле, кои политики ни ги скроиле… тие си знаат. Резултатите од средбите, ние останатите можеме да се обидеме да толкуваме и разбереме од пресконференцијата која што ја имаа заедно со Димитар.

Без оглед на тоа што целиот прес изгледаше како на разговор на глуви, сепак може да извлечеме неколку заклучоци кои ќе ни дадат каква таква навигација за тоа кај се наоѓаме, каков е патот кон ЕУ, колку е долг и колку ќе нѐ чини?!

Димитар беше фасциниран од тоа што Урсула дошла прво кај него. Стево не го ставаме во равенкава затоа што и така е само вишок и пречи како непотребен елемент во сите равенки. Воодушевен од тоа што Урсула ја започнува турнејата по Западен Балкан од Македонија, Димитар јасно и самоуверено нѐ информираше зошто дошла Урсула.

Ни раскажа што планира да прави Урсула. Радосно ни соопшти дека гостинката е дојдена за да стимулира економски раст во Македонија и Западен Балкан. Нѐ информираше дека двојно ќе се зголемела економијата на државата. Не кажа точно до кога, ама не е важно, ќе биде. Кажа дека ЕУ планира да помогне во инфраструктурното поврзување на земјава, дека ќе се отворат европските фондови и пари, за кои, впечаток е, дека најмногу им се израдувал. Ќе има инвестиции, олеснување во функционирањето на компаниите во соработката со ЕУ. Буквално ни го раскажа сето она што планира ЕУ да го направи во однос на нас.

Што направил тој досега и што планира да прави понатаму во однос на економскиот дел… е тука не слушнавме ништо. Не слушнавме ништо освен тоа дека имал силна политичка волја и знаење да спроведе реформи. Си го „бива“ човекот. Има волја и знаење ама не сака да ги троши за џабе. Тука некаде е одговорот зошто до сега не правеше никакви реформи. Зошто би правел реформи однапред ако ЕУ не му вети некоја пара. Човекот не е будала.

Се пофали и дека има силна политичка волја за спроведување на уставните измени, кои што како обврска си ги прифати самиот тој, но нивното спроведување треба друг да му го реализира. Ни раскажа како тој цврсто стои на европскиот пат, а останатите треба да се докажат и за прв пат во животот да покажат дека се за ЕУ.

Така се води политика. Кажуваш и раскажуваш што ќе прават и што треба да направат другите и сето тоа го пакуваш и презентираш како твое дело и постигнување. Не ми е криво што манипулира и прави инверзија на тези, тоа лесно и јасно се чита, криво ми е што верува во таквата негова реторика и навистина мисли дека нешто постигнал. Не заради друго, премиер е на државата. Го октроираа на премиерската позиција и мора да го трпиме до изборите.

Доаѓаме до тоа што кажа Урсула. Вака-така, таа сепак кажа неколку суштински работи кои Ковачевски или не ги разбрал или не сакал да ги разбере. Покрај тоа што го повтори она што Димиртар детално ни го раскажа за нејзините цели и планот за остварување на таквите цели во врска со Македонија, Урсула јасно го нацрта редоследот на чекорите по кои ќе се движи реализацијата на нејзиниот план за економското зајакнување на регионот.

Првиот чекор е отворање на вратите на единствениот европски пазар за македонските компании во седум сектори. Во некој груб превод тоа би значело дека македонските компании ќе имаат директно олеснување кон ЕУ, независно од слабостите на сопствената влада која не успеала да спроведе реформи и да создаде услови ваквото олеснување да дојде како стандард и заслуга. Во погруб превод кажано: „Диме, тебе не те бива, што не те бива! Дај барем да му олесниме на македонскиот бизнис да земе малку воздух и да може да ти придонесе со уште некоја пара во буџетот за да не ги цицаш напразно парите на европските даночни обврзници, како што ти кажа пред некој ден холандскиот амбасадор Коп“.

Иронијата на страна. Реално гледано, овој чекор кој се однесува на бизнис секторот има суштинка димензија и тоа е добро.

Вториот чекор што ќе треба да се направи е тоа што ЕУ, од нас западните балканци, ќе бара отворање на нашиот регионален пазар или во превод: „Нема вие што да барате на единствениот европски пазар доколку продолжите да се однесувате како економии на племенски заедници со високи бариери меѓу вас. Првин отворете се меѓу вас, а потоа ќе следат и парите“.

Доаѓаме до третиот чекор, моментот на вистината. Урсула рече, потребни се позитивни реформи за бизнис средината и создавање на ефикасна јавна администрација. Потребни се реформи во судството и борбата против корупцијата. Дури потоа ќе следи четвртиот чекор, инвестициите, милијардите евра и силната поддршка на евроинтегративниот процес.

Појасно, здравје!

Без реформи во судството, без борба против корупцијата, без ефикасна јавна администрација и без подобра бизнис клима, ништо од бизнисот. Ништо од фондовите, милионите, милијардите, билионите и трилионите кои му го заматуваат умот на Димитар.

Урсула кажа уште една многу, многу важна работа која што се однесува на плодовите од политиките на Ковачевски и која фактички го претставува нултиот чекор на нејзиниот план, потребата од уставните измени. Таа ни рече: „Вие сте суверена држава, суверено носите одлуки. Вашиот Устав е ваша работа. Но, уставните измени се услов за продолжување на вашиот евроинтегративен пат. Ние имаме волја да ве примиме во ЕУ, но не без уставните измени. Ако ги направите, добро, ако не, ваша работа. Не сме пукнале за вас и вашето членство во ЕУ, ниту пак ќе ни недостасувате!“.

Такви се отприлика нашите координати во однос на ЕУ. Има моркови, но има и стапови кои самите на себе ќе треба да си ги удриме. Веќе не сакаат да губат време ни стапот да ни го удрат. ЕУ е свесна за сложеноста на регионот кој во секој момент може да биде зафатен од политичка криза и нестабилност. Свесна е за влијанијата на глобалните политички актери кои како вектори се вкрстуваат и судираат во регионот. ЕУ е свесна дека е речиси невозможно да ја неутрализира сопствената комплицираност во начинот на функционирање и да ги неутрализира сопките и блокадите кои во иднина ќе доаѓаат од поедини нејзини членки во однос на земјите кандидати. ЕУ е свесна дека оставањето на земјите од Западен Балкан во неопределена состојба ги прави подложни на влијанија спротивни на интересите на ЕУ.

Затоа, на овој наизглед обичен план што ЕУ го подготвува за нас треба да се гледа како на сериозна промена во стратегијата на ЕУ кон Западен Балкан. Да се гледа како на почеток на сериозно интегрирање на земјите од регионот во европскиот економски простор и реализирање на економската димензија од интегративниот процес. Да се гледа како на план кој има за цел остварување на економска власт врз земјите од Западен Балкан која што во перспектива ќе биде искористена како алатка за спроведување на политичката димензија од процесот на интегрирање кон ЕУ. Европската унија веројатно сфати дека на просторот од Западен Балкан многу полесно ќе ги реализира сопствените политички интереси и ќе управува со политичкиот момнет доколку во своите раце има силни економски алатки со кои ќе може да ги моделира политичките процеси во регионот во перспектива.

Таа пристигна тивко во Скопје, како Урсула, но пораките кои што останаа говорат за тоа дека таа заминува како фон дер Лајен, претседател на Европската комисија. Комисија која прави сериозна промена на политиката на ЕУ кон земјите од Западен Балкан.

За арно ли е, за лошо ли е, тоа е прашање за некоја друга анализа и дебата?!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.