Петар Поп-Арсов

Каде е сега концептот „Едно општество за сите“?

Се загуби некаде на границите на Голема Албанија кои ја параат Македонија според желбите на нејзините автори, нарачатели или оние кои што пред неа се клањаат?! Што стана со „Едно општество за сите“, концептот за сожителство, еднаквост и толеранција? Концептот за државно и општествено уредување на Македонија кој се сведе на минорна фондација или маргинална невладина организација која донира скутерчиња на МВР?! Тоа ли се плодовите на борбата која што се водеше за слобода, демократија, за правда и мир?

Хартијата трпи се! Така вели народната мудрост. Но, овде не се работи само за хартијата или платното на кое е скицирана картата на Голема Албанија. Овде имаме нешто многу посилно од замислените желби и големо албанските претензии скицирани на хартија од непознато, НН лице. Во случајов проблемот е во тоа што иницијалите не се НН, туку се АА. Проблемот е во тоа што говориме за добро познато лице. Партиски лидер од властачие што име започнува на А, а завршува на ли, и чие што презиме исто така започнува на А, а завршува на хмети. Ова го пишувам како прилог кој што можат да го искористат надлежните институции во процесот на идентификација на личноста која што е најодговорна за скандалозното отворање на некаков музеј во дивоизградената куќичка од камен во кумановско.

Лидер на партија (која држи половина од владините ресори) и пратеник во Собранието (во континуитет од 2002 година до сега), отвора музеј во дивоградба. Политичар кој вели дека во периодот на неговата политичка активност ги промовирал Албаниците во господари на Македонија. Е, токму тој отвора музеј во куќичка изградена без дозвола на локација која ги конфронтираше локалните и државните власти за тоа дали била приватна или државна.

Ако е приватна, тешко си на кадровикот на пола влада што не успеал да издејствува дозвола за градба на куќичката. Ако е на државно земјиште, тешко си на државата и системот кој власта самата ги руши непочитувајќи ги правните процедури за тоа како легално требада се изгради објект за соодветна намена.Важно го добивме вистинскиот музеј.

Музејот на дивата градба. Симболот на државата.

Да, тоа е Али Ахмети!

Претседател на ДУИ, една од партиите на власт која што значително партиципира во извршната власт со свои кадри. Партија која што држи клучни министерски ресори. Партија која што има непрекинат континуитет на владеење од петнаесет години, од вкупно деветнаесетте години колку што се на власт во последниве дваесет и една година. Навистина импозантна бројка која одамна требаше да ги загрижи сите љубители, поддржувачи и креатори на демократскиот инженеринг во посткомунистичките земји.

Во што всушност се состои големината на проблемот што токму Али Ахмети беше бајрактарот кој „го вееше“ знамето на Голема Албанија?! И, како дигресија која е сосема компатибилна со основното прашање,епрашањето: Што му требаше на Ковачевски да го правда Ахмети, да спинува и релативизира со тезата дека секоја држава на Балканот си има свои карти како онаа на Голема Албанија?!

Али Ахмети не е некоја маргинална личност, некој си водач на навивачка група или слободен стрелец во политиката кој што преку својот екстремизам сака да направи пробив и да им се допадне на гласачите. Али Ахмети е пратеник, претседател на ДУИ, партијата која што учествува во владата на земја членка на НАТО.

Токму тој, Али Ахмети, е човекот кој што се поклони пред знамето на Голема Албанија. Знамето во чии што замислени граници, покрај делови од Србија, влегуваат и делови од Македонија, Црна Гора и Грција, сите три земји членки на НАТО. До сега не сме го виделе Еди Рама, како премиер на Албанија и официјален претставник на државата членка на НАТО да го вее знамето на Голема Албанија. Сигурно дека и во Албанија има вжештени глави кои сонуваат за голема држава, но до сега не сме го виделе највисокиот албански функционер да вее знаме со територијални претензии кон сојузниците од НАТО. Во Македонија тоа го видовме! Дали со ова Македонија се промовира во центар од каде што извираат територијалните претензии кон соседите?

Прашања до Ковачевски! Што треба тоа да значи кога човекот што ги номинира и поставува министрите на ДУИ во кабинетот на Ковачевски вее знаме со територијални претензии кон сојузниците од НАТО? Што тоа треба да значи кога самиот премиер оценува дека нема ништо спорно и националистичко во постапката на Ахмети? Дали ги оправдува и поддржува претензиите кон соседите и сојузниците од НАТО?

Одговорите произлегуваат сами по себе без потреба од дополнителна доза на инфантилност од Ковачевски. Што и да каже ќе биде уште поглупо од претходно кажаното!

Втор значаен момнет кој вреди да се нагласи е тоа штово моментов Македонија е земја претседавач со ОБСЕ – Организацијата за безбедност и соработка во Европа. Со неа претседава Бујар Османи, кадарот на Ахмети.Деновиве се подготвува голем настан на ОБСЕ во Скопје. Настан преку кој ќе испумпа огромна сума на буџетски сретства за сомнителни ставки. Но, тоа е тема за посебна дискусија.

Прашањето е, за каква безбедност во Европа зборуваме кога партискиот шеф на претседавачот со ОБСЕ вее знамиња со територијални претензии кон сопствената земја и соседите? Оној што треба да биде генераторот на сите активности кои имаат за цел намалување на тензиите и конфликтите во Европа, го работи токму спротивното. Во очи на големата конференција на ОБСЕ, која што ќе се оддржи во Скопје, Али Ахмети и Бујар Османи упатуваат провокација која значително го надминува дострелот на нивната сељачка политика. Политика која единствено има за цел да ги манипулира Албанците од Сопот, липковско и Шар Планина. Провокација која има регионална димензија и која на светот му покажува со какви сѐ си имаме работа овде во Македонија.

Навистина сељачки и неодговорно од едни „европејци“. Неодговорна постапка од луѓето кои што во нивната декларативност ги интересира само ЕУ. Спремни се за секакви отстапки на штета на Македонците само да придонесат земјата да се интегрира во ЕУ.

А, што всушност прават?

Ја провоцираат Грција која нема инфантилни и корумпирани политички дегенерици кога се работи за прашања од национален интерес. Ахмети и Османи и нанесуваат штета и на Албанија, која исто така е заглавена во евроинтегративниот процес заедно со нас и заради нас. Ќе ги компромитираат напорите на Албанија да се одвои од Македонија, која е заглавена во сопствената самоблокада наметната од Ковачевски, за да го започне процесот на преговори со ЕУ.

За чиј интерес работат марксистиве-ленинистиве од ДУИ? Го гледаат ли тоа менторите, љубителите и креаторите на демократскиот инженеринг во Македонија? Што е тоа што повеќе треба да не загрижи? Возобновениот национализам и екстремизам на Ахмети, дилентантизмот и политичката инфантилност на Ковачевски или она што реално ги обединува, нивниот криминал?

Веројатно сѐ од она што беше кажано, заедно со дивата градба кој што како поим го отсликува начинот на нивното владеење и она во што ја претворија државата.

Дива градба!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.