Петар Поп-Арсов

Претседавањето со една меѓународна организација, особено организација каква што е ОБСЕ, претставува сериозна чест за секоја држава. Можеби за големите европски земји, особено за старите демократии, претседавањето е нешто вообичаено, доживеано и организирано во повеќе наврати, но за земја како што е Македонија тоа претставува сериозна потврда на нејзиниот државен субјективитет и меѓународен легитимитет.

Честа која што ја има Република Македонија да претседава со ОБСЕ е потполна спротивност со нашето постојано чувство и неодминлива помисла дека секогаш сме ставани во подредена позиција, сме биле и сме онеправдани и дискриминирани од пошироката меѓународна заедница. Довербата која што една меѓународна организација како ОБСЕ и ја дава на земјата претседавач, говори за тоа дека таа земја е достојна и способна да ја изврши исклучително комплексната и сериозна задача наречена претседавање.

Ние како Македонци во последниве две децении бевме соочени со постојаните блокади и притисоци со кои се справувавме и справуваме во текот на нашиот евроинтегративен процес. Тоа кај голем дел од македонските граѓани создаде чувство на недоверба и аверзија кон сето она што го дефинираме како меѓународна заедница. Ние потсвесно ставаме знак на еднаквост меѓу ЕУ и сѐ друго кое што претставува организирана форма на меѓународна соработка. Нашето разочарување од ЕУ и кон ЕУ лаички и непотребно го транспонираме и кон другите меѓународни организации во кои што Македонија е полноправна земја членка.

Но, дали чувството на разочараност кон меѓународната зедница е чувство предизвикано само однадвор, или за таквата наша состојба значително придонесуваме и ние самите?!

Неодминливо е чувството дека целата јавност некако со резерва и недоверба гледа на претстојниот Самит на ОБСЕ кој што ќе се оддржи токму во Скопје, на 30-ти ноември оваа година. Прашањата од типот, дали сите земји ќе бидат застапени на највисоко ниво, дали Блинкен или Лавров ќе присуствуваат на самитот, или тоа, какви одлуки и заклучоци ќе произлезат од средбата, се прашања кои имаат супстанцијално значење за организацијата. Но, пошироката македонска јавност тие прашања не ја интересираат, да не кажам воопшто не ја интересираат.

Одлуките и заклучоците, како и тоа дали ќе присуствуваат сите министри, се прашања надвор од дострелот и влијанието што јавноста може да го има врз скопскиот самит. Јавноста е заинтересирана и фокусирана на некои многу поопипливи аспекти кои имаат директна импликација врз народните пари, или поедноставно кажано, парите на секој од нас поединечно собрани во оној куп кој што го познаваме под името државен буџет.

Првиот студен туш и разочарување дојде со информацијата дека Министерството за надворешни работи планира да потроши речиси еден милион евра на изнајмување на возила кои што ќе бидат употребени за потребите на самитот на ОБСЕ во Скопје. Оваа информација беше навистина шокантна и збунувачка и буквално сите нѐ остави со бројни прашалници кои сѐ уште лебдат над нашите глави. Се поставуваат повеќе легитимни прашања поврзани со целиот настан кои произлегуваат од ваквата одлука на Министерството и лично Министерот за надворешни работи.

Со еден милион евра можат да се купат од дваесет до триесет сосема нови возила кои ги задоволуваат стандардите и потребите за превоз на делегациите, а кои што ќе останат во трајна сопственост на Република Македонија. Тоа е она првото и најлогичното нешто кое што му паѓа на памет на секој домаќин човек во земјава. Зошто да ги фрлиме парите на изнајмување на коли за неколку дена, кога истите можеме да ги потрошиме (кога веќе сме решиле да ги потрошиме) на купување на нови возила кои ќе останат во државна сопственост?!

Сосема легитимно е и прашањето дали се потребни толку многу автомобили за превоз на делегациите? Вообичаена пракса на секој организатор за потребите на ваквите настани е да ангажира соодветен број на автобуси и комбиња со кои ќе се врши превозот на членовите на делегациите. Сме биле дел од македонските делегации, сме учествувале на слични собири од тој ранг и тоа е пракса дури и во оние земји кои што се многу побогати и со понапредни економии од Македонија. Токму тоа е она што може и треба да го пружи земјата домаќин. Секоја дополнителна активност или потреба од друг начин на транспорт, трансфери од аеродромот и до аеродромот, во принцип и по правило го прават дипломатските претставништва и амбасади на земјите кои што имаат свои делегации на настанот. Впрочем, возниот парк на амбасадите на земјите членки на ОБСЕ во Скопје е неспоредливо поголем и со поголем капацитет од капацитетот и перформансите кои што може да им го овозможи Бујар Османи и фирмата која што ја одбрал.

Тука постои сериозен основ за сомнеж во искрената намера на МНР да пружи соодветна логистичка поддршка на учесниците на настанот. Постои сериозен основ за сомнеж дека во позадина стојат коруптивни и криминални побуди кои органите на прогон треба веднаш да ги стават во постапка. Разочарувањето на македонските граѓани кон ЕУ и сѐ она што го нарекуваме меѓународна заедница не потекнува само однадвор. Воспоставената пракса и склоностите на оваа власт да ја злоупоребува честа и довербата која што државата ја добила на меѓународен план за да паралелно со тоа да прави сомнителни трошоци на државниот буџет, се еднакво силна причина за разочараност кај македонските граѓани. Доволен доказ за тврдењево е неодамнешниот извештај на Европската комисија на ЕУ за напредокот на Македонија. Оценките се разочарувачки, поуките никако да се извлечат, а континуитетот во коруптивните аномалии продолжува со несмалено темпо.

Какви и да бидат аргументите и укажувањата кои што би ги приложиле во поткрепа на тврдењето дека тука нешто смрди, истите ќе бидат залудни. Дури од владата прогласија и неработен ден за државната администрација на 30-ти ноември. Која им е намерата и целта со овој потег, не знам, но убеден сум дека администрацијата ќе ја задолжат да го одработи денот во некоја од саботите кои што следат. Дали сакаат да дефокусираат од скандалозното милионско изнајмување на возила, применувајќи позитивната дискриминација на државната администрација во однос на останатите работници во земјава кои со својот труд го полнат државниот буџет, тие најдобро си знаат. Но, факт е дека со овој потег посредно признаваат дека се неспособни да организираат настан во кој ќе овозможат непречен трансфер, сместување, организација на состаноците и сите останати дополнителни активности и настани кои се пропратен елемент на ваквите собири.

Зарем во Брисел, Стразбур или останатите европски политички центри, во кои речиси секојдневно се случуваат настани, гостуваат личности од висок ранг, има прекини во работата на администрацијата? Зарем нашава влада не може да креира распоред на активности и да обезбеди коридори кои ќе овозможат непречено одвивање на програмата на самитот? Во околината Спортскиот центар „Борис Трајковски“ ги има потребните сместувачки капацитети, сали за работните ручеци и вечери, како и за сѐ она што е потребно за успешно одвивање на програмата без непотребни екскурзии по улиците на Скопје. Секоја екскурзија на поедини делегации надвор од програмата на настаност е нејзина активност и одговорност , а организаторот со тоа не треба да има ништо и не треба да го запира секојдневното функционирање на градот и државата само за да го оправда милионот на Бујар за изнајмените возила.

Како за илустрација, повеќе е и од доволно!

Македонските граѓани се разочарани од ловот во матно на македонските политичари. Разочарани се од тоа што се третирани како неписмени луѓе пред кои владата и владините министри ја мистифицираат сопствената работа прикажувајќи ја како нешто за кое што се потребни нереално големи пари и високи трошоци. Политичките промашувања на оваа влада одамна се наше секојдневие, исто онака како што е секојдневие и нивната коруптивност и криминогеност. Но, нешто кое што од скоро има тенденција да стане секојдневие, е отсуството на срам и страв од консеквенциите поради сторените недела. Македонската држава и општество веќе сигурно навлегуваат во новото, повисоко ниво на развојот на корупцијата, криминалот и неказнивоста во редовите на високите претставници на власта. Ниво кое што ќе создаде уште поголем јаз и конфронтација меѓу оние кои ја создаваат и оние кои што ја трошат вредноста во македонстата држава. Воспоставената пракса на нетранспарентност и мистификација на работата на владата и владините министри ја претвори државата во мочуриште во кое ловот во матно е најисплатливиот бизнис.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.