Васко Шутаров

СРАМОТ…
Во едни наши години на сентиментално домашно воспитание и класично државно образование, срамот ни го чуваше образот, а образот беше нашата највредна сопственост! И нашиот најважен имот! Растејќи, борејќи се и култивирајќи го сопствениот срам, разбиравме дека не случајно го носиме во себе, како наш постојан придружник! Срамот служи и како одбрана и како најубав украс на достоинството – и го чува најчовечното во нас! Бидејќи, што е човекот без срам?!
Учејќи за животот и од најмудрите луѓе, разбиравме дека Зевс, преку својот гласник Хермес им дарувал „срам и праведност“, како две кардинални етичко-политички доблести на луѓето, за да можат да живеат во заедници со други (според Платон)! Разбиравме за дилемата што ја носел Аристотел, дали општествата и заедниците ќе можат да опстанат без моралното чувство за срам, разбирајќи го срамот како страв од самотија! Размислувавме, дали ако срамот еднаш избега, може ли повторно некогаш да се врати? (Сенека)! Се замислувавме над луцидната мисла, дека нема поопасен човек од човекот без срам (Маркиз де Сад)! Па, се исчудувавме на уште полуцидната мисла дека првиот знак за човековата глупост, е потполното отсуство на срам! (Фројд). И замислуваме, перспективно, може ли покрај убавината (Достоевски) срамот да биде спас за светот?! (Тарковски)

Учејќи за срамот што го носиме во себе уште од најмали (кога срамежливо се држевме или криевме зад нозете на своите родители), разбираме дека тој не е само наша човечка дарба и привилегија – него јасно го препознаваме и кај животните за кои се грижиме, дали преку кучето кое згрешило и го спушта и муцето и погледот надолу, дали преку однесувањето на домашната мачка која заслужила прекор од својот сопственик!

Живеејќи го животот и учејќи за него од сопствениот и од животите на другите, разбираме колку динамично се поврзани нашиот срам и општествените морални норми – за нечесно и за недолично! И колку се силно поврзани, моќта на пожелното, на правилното и на правичното, наметнати од заедницата и моќта на сопствената борба во освојувањето на личните слободи и среќа!

Живеејќи, осознаваме колку срамот може да биде и тешко бреме, ако не се облагородува, преку негово постојано негување и постојано култивирање! Срамот, посебно несовладливиот срам, може да биде и разорно автодеструктивен и крајно парализирачки за личности кои не успеваат да го преобликуваат и пребродат, па сосем ја губат самодовербата во остварувањето на своите животни цели!

Но, сепак, срамот не постои само заради нас, туку и заради нашето живеење со другите, во склад со одредени доминантни етички начела, кои од нас создаваат заедница на индивидуи и личности.

Срамот, во некои зрели години и после години култивирање, се обликува во еден постојан и толку потребен, самокритичен, внатрешен глас на човекот, како негова најинтимна мисла-водилка.

Развивајќи се и носејќи се достоинствено со сопствениот срам, учиме како да се носиме и со јавната критика, со прекорот или со потсмевот од луѓе кои ни значат нешто или не ни значат ништо! И заради некое наше неснаоѓање, незнаење или некој коментар за нашиот надворешен изглед, нашата боја на гласот, нашиот начин на одење или поправаме што можеме на себе или го надминуваме таквиот предизвикан срам!

Покомплексен е срамот предизвикан од општествениот статус (запаѓање во беда и сиромаштија), од ниското или недоволно образование (кога токму подобро образование треба), срамот од болест на некој близок во семејството (посебно ментална болест) или срам од зависности и пороци, кај некој од најблиските.
Живеејќи и учејќи го животот, осознаваме, дека природно и нормално е да се носиме со сопствениот срам и да се обидеме од него да создадеме наша постојана поддршка. А, науката нè подучува, дека само личности со одредена патологија, немаат никакво чувство за срам. И дека, отсуството на срам, кој како природен чувар на достоинството на една личност е вграден во нашиот биолошки склоп и генетика, претставува сигурен начин за распад на интегритетот на таквата личност. Па сега, изборот е и наш!

БЕСРАМИЕТО…
Соочувајќи се со сите неправди и суровости во животот, разбираме дека нашето домашно сентиментално воспитание и нашето класично образование не ни допуштиле ни за миг да запловиме во водите на бесрамието, кое денес е надојдено како матна плима, до нашите грла! Но, нели мораме да пливаме и во морето со арогантни, самобендисани, безгрешни и безобзирни ликови, вакцинирани од секаков срам?! Нема поголем срам од сознанието дека и по наша вина, токму таквите владеат со нашите животи и судбини, час демонизирајќи нè, час дехуманизирајќи нè, газејќи супериорно по она што ние го сметаме за наш нормален и природен срам.

Од помладите од нас, разбираме дека тоа во модерниов жаргон се нарекува „кринџ“, или трансфер на срамот! На времето, ние тоа си го викавме: „Ме уби туѓиот срам!“ Или она од што паметниот се срами, на тоа глупавиот се гордее!

Иако, често затекнати, ние, од оние сентименталните и посрамежливи времиња, сепак успеваме да ги доловиме и да држиме чекор со сите манифестации и перформанси на срамот што ги носи новото време.

Денес, нели стана така нормално, сопружниците да се изневеруваат како од шега (бидејќи, сите го прават тоа!), пријателите да се изневеруваат (нели и тој тогаш ми направи така!), студентите да си одат на консултации облечени како за фитнес или „искачање у град“ (баш ми е кул денов!), а и ние неретко сами се впуштаме во водите на сите овие нијанси на нововековниов срам – што за да се прилагодиме, што да не се срамуваме (дека сме оновременски и демоде!), што за да преживееме! А и немаме посебно право да морализираме или попуваме, научени дека мораме да ја почитуваме границата на правото и слободата на другиот! Култивирањето на срамот нè научи и на тоа!

Да, точно е, меѓу нововековниве срамови, нашиот срам од едно друго време, сè уште емитира и трепка црвено, како последен аларм пред неговото конечно заминување!

Пристојноста во заминување ù го препушта местото на вулгарноста, која милува да се самоименува, како слобода! И што да се прави, кога некогаш јасно исцртаните граници помеѓу исправното и погрешното се веќе потполно замаглени, а моралните скалила и во нас и надвор од нас, се избришани?!

За ваквите општества, со наопаку превртени вредности, велиме дека доживеале морално самоубиство и во ваков амбиент, бесрамието од највисоките општествени ешалони и на јавна сцена, слободно диктира животен стил и култура на однесување, кои се пожелни и најдобро поминуваат! Во ерава на бесрамие, веќе никој не се извинува, никој не признава дека погрешил, никој не емитира емпатија и секој секому прави она, што на себе не сака да му прават!

И повеќе никој не поцрвенува од срам! Бидејќи, заедно со срамот, и пристојноста и блискоста и достоинството си заминуваат! На јавната сцена, нивното место го заземаат: лажниот срам; лажната совест; двојниот морал! На животната сцена на која царува бесрамие, естетиката за свој врв го избира кичот, а моралот – своето некогашно дно! Звучи така нестварно и толку далечно од нас?!

Бесрамието од нашето секојдневие…

Доволно е да се погледне еден краток пропаганден филм на власта, од „Саемот за вино – Виновизија“, во Белград, неодамна – за нештата да станат појасни!
Бесрамието изгледа точно како македонскиот премиер Димитар Ковачевски, насмеан и распеан на увце на српскиот претседател Александар Вучиќ! Бесрамието изгледа точно како него, дури пее (и шеретски се смее) на кафанската песна „Дајте вина“, која многумина, за жал, ги потсетува на едни неубави времиња, кои Вучиќ многу подобро од недоветниот Ковачевски, ги знае – и памети какви беа! Нема поголем трансфер на срамот, кога ваш висок државен претставник ќе го видите како се однесува како палјачо – и уште ликува со таа улога!

Бесрамието изгледа токму како Димитар Ковачевски, седнат во првиот ред на „Виновизија“ во Белград, додека се вртка неброено пати кон македонската делегација зад него, намигнува, довикнува, па му текнува дека треба нешто да ја праша српската премиерка Брнабиќ, токму додека таа внимателно го слуша говорот на црногорскиот претседател Милатовиќ.

Бесрамието ја има точно неговата мерка, кога си дозволува, да биде прекоруван од домаќинот Вучиќ, дека штом виде странски амбасадор – и право забегува, па мора да го прибира довикајќи му: „Ајде, ајде, доаѓај наваму… “

Бесрамието изгледа како Таче, кому не ме понудуваат чаша вино на еден штанд, па Вучиќ му ја дава неговата, па овој пие, се церека и наздравува! Или кога на друг штанд, упаѓа во муабет, како „дојден од некоја друга журка“.

Бесрамието изгледа точно како Таче, кој безобразно троши стотици илјади евра народни пари, за да биде барем една вечер во животот, „главни фрајер у Београду“?! Треба да си ептен вакциниран од срам, за да „имаш срце“, како премиер на држава со 520.000 граѓани кои живеат со 200 денари на ден и на 70.000 граѓани кои едвај скрпуваат ден со 60 денари во џеб или на илјадници пациенти од онколошки болести, кои сè уште чекаат одговори, дали се и како се воопшто лечени, да се однесуваш така раскалашено и разуздано, како Таче во Белград!

…………………………………………..
Господска лекција за здрав и нормален срам, на тој толку коментиран „Саем на виното“ во Белград, одржа оној, кој не се појави таму лично, албанскиот премиер Еди Рама! Во своето видеообраќање, Рама, меѓу другото порача: „Не може нам да ни биде добро, ако на нашите најблиски и на нашите соседи не им е добро!“ Колку „наш Таче” успеа да го разбере ова, можеме само да претпоставиме?!

Онолку колку што срамот може да допре до бесрамието! Онолку, колку што културата на срамот и вулгарноста на бесрамието можат да се разберат!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.