Петар Поп-Арсов
Пописот мораше да се спроведе! Сега му беше „моментот“. Мислам, не баш во буквална смисла „сега“, туку тогаш кога беше создадена најдобрата клима за негово спроведување со цел да се добијат „посакуваните и проектирани резултати“. Во времето кога Заев беше премиер, Груби вицепремиер, Оливер МВР, Симовски директор на Статистика, а сите заедно надополнети со изобилството од лево-десни бојкотирачи, незинтересирани граѓани „отепани“ од Ковид пандемијата, репресивните мерки, задоцнетата вакцинација и отсуството на лидерсто во сите етнички заедници (со исклучок на една). Сето тоа заедно создаде идеални услови за спроведување на попис кој ќе даде резултати токму какви што зацртал креаторот на овој проект. Сè беше совршено подредено за спроведувањето на оваа статистичка, политичка и стратешка операција, која за жал, најмалку беше статистичка.
Деновиве сме сведоци на бура од реакции, незадоволство, гнев и бројни аргументи кои се споделуваат во јавноста од заинтересирани интелектуалци кои подлабоко навлегоа во анализа на презентираните пописни податоци. Тоа е сосема логична реакција на добиениот финален производ за кој уште од самиот почеток се гледаше дека е со вградена фабричка грешка.
Пред да кажеме било што за резултатите и ефектите од пописот, задолжително треба да се потсетиме на тоа како беше во времето на неговата подготовка и спроведување за да можеме да го разбереме однапред проектираниот резултат од неговите инспиратори, креатори и реализатори. Краткото паметење на македонските граѓани е одлична алатка во рацете на македонската власт која успешно манипулира со сите нас веќе долги години.
Првичниот план беше пописот да се спроведе во април 2021, во време кога македонскиот правен, политички и здравствен систем беа целосно нефункционални. Тоа беше период кога поради Ковид пандемијата на сила беше кризната состојба, воведена во декември 2020 година. Парламентот беше вон функција, а демократијата и волјата на граѓаните суспендирани до јуни 2021 година. Пописот официјално започна уште во месец март со електронското самопопишување на македонските иселеници, со кое што почнаа првите правно-политички контаверзии.
Имаше постојани меѓупартиски несогласувања и отсуство на политички консензус. Консензусот беше исклучително потребен и важен елемент за да се релаксира сè уште постоечиот меѓуетнички набој. Консензусот беше потребен да ги неутрализира агресивните акробации на Груби и Османи кои неодговорно провоцираа реакција кај македонскиот народ злоупотребувајќи ги сопствените владини позиции. Консензусот, меѓудругото, беше потребен и за да се оправда владината стратегијата „Едно општество за сите“, која без таквиот консензус ќе се претвореше во обична фикција и лага зад која се реализираат конкретно зацртани цели на штета на македонскиот народ во сопствената држава.
Во тој период изби аферата „Мафија“. Афера со издадени над двеста македонски пасоши на разни наркобосови и белосветски криминалци кои добија лажен идентитет, украден од вистински македонски граѓани. Епилог за овој случај сè уште нема! Одговорност нема! Напротив! Покрај сите скандали, па и политичкиот бродолом што му се случи во Куманово, Оливер денес е дури и посилен од тогаш! А, дали се заведени овие „македонски граѓани“ во пописот на Симовски, е прашање кое посебно заслужува одговор?!
Заев и Симовски беа најревносните поддржувачи на идејата „попис, веднаш и сега“! Симовски беше единствениот кој говореше дека не постои никаков ризик по здравјето на граѓаните и дека ќе бидат запазени сите медицински протоколи, при што ниту еден лекар во државата не смогна храброст во тие моменти да го потврди неговото „експертско тврдење“. Во тој период колони македонски граѓани се упатуваа кон Србија на „вакцинален туризам“. Ненавремената и нецелоса имунизација на попишувачите, оние кои што требаше подготвени да го посетат домот на секој македонски граѓанин, беше игнорирана до последен момент од страна на директорот Симовски.
Имавме целосно неподготвен попис, кој за среќа во последен момент беше прекинат и одложен за септември по примерот на земји како Германија, Србија, Хрватска, Романија, Бугарија и Ирска кои веќе претходно и без потреси ги одложија сопствените пописи за втората половина на 2021 и за 2022 година!
Во септември ништо ново! Истите протагонисти, истите намери, истите цели и проектирани резултати. Единствената разлика беше тоа што овој пат постоеше меѓупартиска согласност за реализација на пописот од најрелевантните македонски политички партии. Но, како што секоја фамилија има своја, така и македонскиот народ и држава имаше своја, сопствена црна овца, која упорно повикуваше на бојкот. Се случи и тој, ограничен бојкот, таман толку колку да им заврши работа на Заев, Симовски и останатите кои го посакуваа исходот што сега го имаме.
Сите анализи што деновиве се прават во однос на резултатите од пописот откриваат и укажуваат на бројни нелогичности, неправилности, грешки, нестандардна методологија и промислени манипулации. Како илустраија ќе го посочиме примерот со религиската пипадност.
Хаос во табелата која ја покажува религиската припадност. Свесно смислена измама која има за цел да даде непотполни и неточни резултати во однос на изјаснувањето на православното население во Македонија. Објаснувањата на Симовски дека се работи за професионален пристап во начинот на спроведување на пописот е врвен цинизам. Начинот на кој е спроведен пописот во овој сегмент создава аморфна маса од 242.579 македонски граѓани (христијани) со непрецизирана религиска припадност. Овој податок ниту е точен, ниту е професионален. Факт е дека огромното мнозинство од граѓаните кои се изјасниле како христијани се православни христијани од едноставна причина што не секој во Македонија прави разлика меѓу христијанството и православието. За добар дел од популацијата постои знак на еднаквост помеѓу термините христијанин и православен и никому ни на крај памет не би му паднало дека Заводот за статистика подготвил манипулативно трик прашање. Безобразлукот на атеистот Апостол, криејќи се зад некаква професионалност и стандарди и отфрлајќи секаква одговорност, го достигна својот максимум кога изјави дека тој не е виновен што населението е „неписмено и не знае на која религија припаѓа“. Тоа говори за неговата фанатична решеност овој процес да го турка до крај.
Како е можно само кај оваа религиска заедница се јавува толкав број на „неуки“ граѓани, додека останатите се со ниво на писменост која што владее во скандинавските земји?!
Без разлика што Симовски бега од одговорност, тој дефинитивно е одговорен за ваквиот исход. Особено е одговорен во професионалниот сегмент од неговото работење на кој постојано се повикува и за кој слепо се држи. Државата Македонија нема точен податок за тоа колкав дел од популацијата се православни христијани! Тоа е повеќе од доволно да се оспори пописниот резултат! Овој аргумент фрла сенка и над останатите податоци за кои треба да се спроведе сериозна стручна анализа и истрага. Нелогичните и неточни резултати во делот на религиската припадност се доволен показател дека Симовски има непрофесионален и манипулативен пристап и за тоа мора да сноси одговорност.
Непрофесионално и надвор од сите стандарди на статистиката е попишувањето на нерезидентното население. Само Македонија на Заев, Симовски и сега Ковачевски има такви стандарди. Оваа нивна измислица и креација го сведе пописот на една обична политичка кампања по етничка основа со цел да му даде статистичка подлога на веќе постоечкиот принцип на „тиранија на малцинството“ која е присутна во Македонија, до целосно воспоставувањето на апартхејд како систем на управување.
До сега беа залудни сите реакции на претставниците на мнозинскиот, македонски народ и помалите етнички заедници. Залудни се и реакциите и зачуденоста за разните нелогичности кои секојдневно ги обзнануваат истакнати поединци кои длабоко навлегуваат во математичките закономерности на бројките на Симовски. Џабе реагираат Ромите, Србите, Турците од Македонија вклучително и Турција како држава. Ароганцијата со која говори Симовски, отфрлајќи ги сите аргументи, укажува на тоа дека човекот има грб и дека е подготвен да го вози овој филм до самиот крај.
Ефектите на пописот дефинитивно ќе имаатсериозен импакт врз македонската држава. Како резултат на манипулативниот инженеринг на СДСМ, ДУИ и придружните сателити, веќе е создадено е чувство на победници и поразени. Стратегијата „Едно општество за сите“ ецелосно депласирана, а меѓуетничката доверба која се создаваше години наназад повторно е ставена на испит. Дополнително е уништена и онака малата доверба во македонските институции.
Режираните резултати од пописот отвораат простор за нови политички маневри, пред се по етничка линија. Тоа прашање одамна требаше да биде ад акта, особено со усвојувањето на низата законски решенија кои ги зајакнаа јазичните и останати права на малцинските етнички заедници, пред сè на албанската. Веќе слушаме и читаме дека се заговара повторното отворање на Уставот со цел редефинирање на државата по „стоти пат“. Тоа дефинитивно ќе нè дефокусира од потребата за вистински реформи и зајакнување на правосудството кое моментално „ужива“ на сопственото дно со 8% доверба. Дополнително ќе нè оддалечи од борбата против корупцијата и криминалот, зајакнување на здравството, социјалата и образованието, како и од севкупниот економски развој на државата, од кои и така сме сериозно оддалечени.
Пописот ја вади од рамнотежа македонската држава и во геополитички контекст. Како на регионален, така и на глобален план. Сведоци сме на војна која што беснее и сериозно го загрозува континентот. Сведоци сме на забрзана трка во вооружување, вклучително и во нашето соседство. Загрозени се процесите кои што требаше да овозможат регионална стабилизација, пред се решавање на македонско-бугарскиот спор, прашањето меѓу Србија и Косово, нестабилноста во Босна.
Ова се исклучително сериозни компоненти кои во себе ги соддржи набрзина и непрофесионално спроведениот попис. Затоа е потребна сериозна истрага од надлежните институции (доколку останаа такви) за мотивите, интересите и бенефитите кои што ги имаат најистурените протагонисти во оваа операција.
Оставањето на ова сериозно прашање во сивата зона на шпекулации и недоречености ќе има сосема спротивен ефект од оној за кој што беше организирана оваа статистичка операција. Македонските институции треба да ја заштитат државата од ваквиот хибриден упад на организаторите на овој попис, кои со манипулативни математички пермутации ја релативизираат и менуваат вистинската и фактичка состојбаво македонската држава.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.