Петар Поп-Арсов

Навистина не сакав да пишувам на темава. Се напишаа толку многу текстови кои речиси и не оставаат никаков простор да се каже нешто ново, нешто умно или барем нешто утешително кое што ќе ја намали колективната болка и шок. Да не зборувам за утеха на болката на нејзините најблиски, чиј што збунувачки однос кон целиов случај сè уште не остава во прашалници и неверување.  До последен момент се надевав дека девојчето Вања ќе се појави од некаде, жива и здрава, и дека ќе се стави крај на оваа хорор приказна. Ќе се стави крај на барем една епизода од оваа зона на самракот во кој сме втурнати како луѓе и општество.

Сепак мора нешто да се каже, мора нешто да се напише. Постои огромна гравитација на вниманието на јавноста што не дозволува да се насочиме кон други теми пред да го расчистиме овој, како што го нарекоа и дефинираа владините министри, „изолиран случај“.

А, мора да ја расчистиме!

Расчистување, не само како форма која на обвинителот Бубевски му е доволна за да има материјал за конструкција на случај, обвинение и судска разрешница во перспектива, туку суштинско расчистување од кое ќе произлезат промени кои ќе превенираат и спречат појава на вакви и слични сучаи во иднина. Во Македонија веќе се поминати сите црвени линии! Не само оние кои што се однесуваат на заштитата на идентитетот, јазикот или заштитата на правото на егзистенција, а за кои што зборуваме веќе по навика, во Македонија се поминати црвените линии на заштитата на голиот човечки живот.

Во Македонија секој може да биде грабнат и ладнокрвно убиен, дури и дете!

Тоа е главната порака од овој случај. Тоа е пораката што ја примивме ние, граѓаните. Тоа е пораката која што требаше да ја прими Оливер, министерот Оливер Спасовски. Но, никако да ја прими. Ниту како човек, ниту како функционер до кој треба да допре пораката на „случајот Вања“.

Оливер има морална и политичка одговорност и без разлика на дискусијата за тоа дали МВР и полицијата биле ефикасни или не во решавањето на овој случај, ние сепак имаме случај. Ние имаме убиено дете! Имаме силна порака која влева страв кај сите нас. Имаме порака дека убијците се меѓу нас, видливи, јавни, познати, славни и воопшто не се кријат и плашат од законот и судот на јавноста.

Некој им го овозможи тоа!

А, како да допре крикот на Вања до еден вечен министер за полиција на кој најважно од сè му е формата?! Како да допре колективната болка и стравот на граѓаните до човек кој вината за смртта на Вања индиректно и бесрамно ја префрли врз јавноста и родителите за кои кажа дека „прерано“ и „претерано“ реагирале предизвикувајќи панична реакција кај убијците, кои на тој начин биле принудени да го убијат девојчето?! Така кажаа Спасовски и Бубевски на нивната прва пресконференција.

И тие ни пратија порака, да не ни останат должни!

Ние сме виновниците!?

Како да ја разбере пораката еден министер кој дозволи убијците со денови да му парадираат пред носот, тука во Македонија, а да не превземе ништо?! Министер, кој за сè што се случувало во Македонија рече дека не знае, не видел, не слушнал, не бил информиран или, на пример, не било пријавено исчезнувањето на возилото на убиениот велешанец. Како да ја разбере пораката министер кој на втората пресконференција ни раскажа за секој детал и чекор на првоосомничениот за тоа како се движел низ Србија, Бугарија и Турција. Оливер ни раскажа и за возачите, и за таксистите и за доушниците кои што ги има насекаде во регионот, освен во Македонија. Оливер, со доза на нескриен триумфализам и бесчувствителност, буквално се фалеше колку бил ефикасен во решавање на убиството, заблагодарувајќи им се на сите директорати, сектори, началства и доушници кои што се под негова власт. Во исто време тој целосно заборави да каже дека токму тој и тие пофалените ништо не сторија да го превенираат случајот или барем да не ја лажат, манипулираат и кријат информации од јавноста со денови, од моментот на исчезнувањето, до моментот на обелоденувањето на смртта на Вања и човекот од Велес.

Оливер кажа уште неколку интересни работи кои се вредни за размислување. Кажа дека тој го сработил случајот и дека истиот сега поминува во рацете на Обвинителството, како и во рацете на другите институции, последователно според процедурата. Тој кажа дека неговота обврска тука завршува.

Но, претходно кажа уште нешто. Нешто во стилот дека ќе се „пресмета“ со првоосомничениот веднаш штом ќе стапне на македонско тло. Убаво, фино! Дали со ова Оливер ни најави развлекување на случајот кој што го проследил до Обвинителството? Дали Оливер се сомнава во ефикасната екстрадиција од пријателска Турција, па час поскоро формално и политички се ослободува од овој предмет само и само да создаде перцепција дека тој е ефикасниот и добар, а другите се негативните ликови во неговиот филм? Времето ќе даде одговор на овие прашања, но нека останат како дигресија во текстов за да послужат како рефлектор кој ќе фрла светлина за полесно да ги следиме понатамошните активности на политикантот Оливер.

Оливер мора да си замине! Веднаш!

Мора да замине човекот кој другите ги обвинува за политикантство и злоупотреба на „случајот Вања“. Мора да замине функционерот кој е најголемиот политикант и кој што дозволи да се развие ваков случај, на кој подоцна ќе демонстрира ефикасно и брзо решавање. Многу провидна игра, навистина!

Оливер мора да биде сменет за да покажеме дека сме ја примиле пораката како општество. Оливер мора да замине за да покажеме дека во нас, како народ и како општество сè уште постои колективен имунитет и одбранбен механизам кој ќе извлече поуки и ќе нè штити во иднина од слични опасности. Мора да замине за доброто на сите нас!

Не мора да биде заменет со некој од спротивниот политички табор. Нека биде заменет со некој друг од неговата партија. Нека биде заменет и со најголемиот „комуњар“ кој што го има во СДСМ, само за да не речат дека некој е политикант и сака да влече политички поени на оваа трагедија.

Било кој, само Оливер не!

Тоа е најминималното нешто кое што им го должиме на нашите деца и на сите граѓани во државата. На тој начин ќе пратиме порака дека сме разбрале нешто од „случајот Вања“ и дека Македонија не смее повеќе да биде место во кое секој може да биде киднапиран и убиен, па дури и дете… под будното око на МВР.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.