Расчистена е кражбата во која крадците среде ноќ украдоа сеф од маркет во Црниче, по што тој им испадна од возилото за бегство.

Во врска со тешка кражба во маркет „Рептил“ извршена на 1 април 2024 година во населба Црниче, соопшти денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, Секторот за внатрешни работи Скопје презема оперативно-тактички мерки и истражни дејствија и ги лиши од слобода лицата В.З и В.Т од Скопје.

На ден 18.04.2024 од страна на инспектори од ОКР Кисела Вода заедно со полициски службеници од ЕИП и ПС Ѓорче Петров врз основа на издадена судска наредба од Основен Кривичен Суд Скопје изврши претреси на дом и други простории кај двете лица.
Истиот ден од страна на ЕВР Кисела Вода поднесена е кривична пријава за кривично дело „Тешка кражба” предвидено и казниво по член 236 од КЗ, а од страна на судија на претходна постапка за едното лице определена е мерка притвор, соопшти Тошковски.

Претходно денеска од Основното јавно обвинителство Скопје соопштија дека повеле постапка против 23-годишник осомничен за тешка кражба на сеф во Скопје.

Ноќта меѓу 31 март и 1 април, осомничениот заедно со уште три лица, провалиле во затворен маркет на улицата „Востаничка“ во Скопје, одзеле метален сеф во вредност од 12.000 денари, дневен промет во износ од 228.000 денари и цигари вредни 45.000 денари, или се во вкупна вредност од 285.000 денари, соопшти денеска Јавното обвинителство.

Како што е наведено во соопштението, со возило пристигнале пред маркетот, со употреба на погоден алат – хебла, клешти и друго делувале врз влезната врата од маркетот, но не успеале да ја отворат. Еден од сторителите го стартувал возилото и удрил со задниот дел, кршејќи ги двете лизгачки врати. Потоа заедно со останатите осомничени ги демонтирале и ги поставиле покрај влезот од маркетот. Преку така направениот отвор сега осомничениот заедно со другите лица влегол во просторијата наменета за вработени, од каде го одзеле металниот сеф со дневен промет и цигарите, па заминале во непознат правец.

Бидејќи постојат околности што очигледно укажуваат на опасност од бегство, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор на осомничениот. Полицијата работи на откривање на неговите соучесници, велат од Обвинителството.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.