Унгарскиот премиер, Виктор Орбан, оцени дека резултатите од претседателските избори во САД, кои ќе се одржат следната година, би можеле да влијаат на ситуацијата во Украина.

Во изјава за националното радио „Кошут“, Орбан изјави дека Украина може да ги продолжи борбените дејствија се додека има од поддршка од САД и дека кога ќе ја нема поддршката, ќе запрат и борбите. Орбан, кој во минатото повеќе пати изразувал поддршка за поранешниот американски претседател Доналд Трамп, вели дека доколку догодина победи Трамп, тоа ќе може да влијае на исходот на војната во Украина.

Инаку Трамп, како што пренесува „Телеграф“, во изјава за радио емисијата на Шон Ханити, алудираше дека би ја запрел војната во Украина. Трамп претходно изјави дека доколку тој бил претседател, Путин никогаш не би ја нападнал Украина, а доколку тоа, сепак, се случело, тогаш ќе испреговарал нешто со него.

Можев да преговарам. Во најлош случај, можев да склучам договор да се преземе нешто. Знаете, има одредени области кои се руски говорни области, нели, но можеше да се постигне договор. А, сега Украина само е разнесена во парчиња, изјави Трамп.

Унгарскиот премиер истакна дека САД играле помалку активна улога во обидите за обликување на европската политика во последните години, но дека ситуацијата се променила откако изби вооружениот конфликт во Украина и дека сега Вашингтон го презеле водството на, како што ја нарече „воената коалиција“ која го поддржува Киев.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.