Во североисточна Камбоџа, во реката Меконг, е уловена најголемата забележана слатководна риба во светот, џиновската раја (лат.: Batoidea) објавија научници од оваа земја во Југоисточна Азија.

Рибата уловена на 13 јуни била долга речиси четири метри од главата до опашката и тешка нешто под 300 килограми. Претходниот рекорд за слатководна риба беше џиновскиот меконшки сом тежок 293 килограми, откриен во Тајланд во 2005 година.

‘Рскавичната риба е уловена од рибар кој веднаш ги известил надлежните, па веста стигнала до научниците од проектот „Чудата на Меконг“, со којшто ракводи Зеб Хоган.

Кога ќе видите риба со оваа големина, особено во слатка вода, тоа е тешко да се сфати „од прва“, па мислам дека целиот наш тим беше воодушевен. Фактот дека рибите сѐ уште можат да бидат толку големи е знак на надеж за реката Меконг. Но, мора да се внимава на еколошките проблеми со кои се соочува реката – истакна Хоган.

Реката Меконг тече низ Кина, Мјанмар, Лаос, Тајланд, Камбоџа и Виетнам. Дом е на неколку видови џиновски слатководни риби, кои се загрозени од околината.

На светско ниво големите риби се загрозени. Тоа се видови со висока вредност. Ним им треба многу време да созреат. Тоа значи, ако се ловат пред да созреат, немаат шанса да се размножуваат – објаснува Хоган.

Тој додава дека околу 70 отсто од џиновските слатководни риби на глобално ниво се загрозени – како што се сите видови во Меконг.

Џиновската раја е многу слабо проучена риба. Нејзиното име, дури и научниот назив се менуваше неколкупати последниве 20 години. Не знаеме многу за нејзината животна историја, екологијата, ни преселничките модели – вели Хоган.

Околните жители на рибата ѝ го дале прекарот „Борами“ или „полна Месечина“ поради нејзината тркалезна форма и затоа што Месечината била на хоризонтот кога таа повторно била пуштена во своето природно живеалиште на 14 јуни.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.