Аерозагадувањето ја потпомага отпорноста кон антибиотиците, со што се зголемува ризикот врз здравјето на луѓето, покажа нова студија на глобално ниво. Истражувањето, во кое се собрани податоци од 100 земји во период од две децении, покажува дека зголеменото аерозагадување е поврзано со растот на отпорноста кон антибиотиците ширум државите од сите континенти.

Според истражувањето со текот на времето, врската меѓу аерозагадувањето и отпорноста кон антибиотиците се зголемува и линеарно расте.

„Нашата анализа покажува силни докази дека зголеменото ниво на аерозагадување е поврзано со зголемениот ризик од отпорност кон антибиотици. Ова е прва анализа која ја покажува врската помеѓу овие две работи на глобално ниво“, изјавиле истражувачите-автори, од Кина и Велика Британија.

Наодите од истражувањето се објавени во медицинското научно списание „Lancet Planetary Health“.

Отпорноста кон антибиотици е еден од најрастечкте ризици за глобалното здравје. Може да влијае врз луѓето од секоја возраст и територија и веќе убива 1.3 милиони лица годиншно на глобално ниво.

Според научниците причините за ова сѐ уште се погрешната и преголемата употреба на антибиотици, но студијата покажува дека овие проблеми се продлабочени со зголемените нивоа на аерозагадување.

Според доказите, ПМ2.5 честичките содржат бактерии кои се отпорни на антибиотици, а можат да бидат пренесени во разни средини и вдишени од луѓето, посочуваат авторите.

„Отпорноста на антибиотиците и аерозагадувањето се двете најголеми закани за глобалното здравје, истакнал еден од авторите на студијата, Хонг Чен.

„До сега, немавме чиста слика за поврзаноста меѓу двете работи, но оваа студија сугерира дека бенефитите од контролирањето на аерозагадувањето може да бидат двојни – не само што ќе се намалат ефектите од нискиот квалитет на воздухот, туку ќе може да се спречи и ширењето на бактерии кои се отпорни на антибиотици“, изјави Чен.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.